Стратегот на охриѓани Раде Стојановиќ нема да биде дел од стручниот штаб на македонската ракометна репрезентација, откако доби позитивен тест на вирусот ковид -19. Стојановиќ беше дополнително повикан од селекторот Данило Брестовац, после мерката за самоизолација на првиот асистент Никола Матлиески.
Стојановиќ во краткиот телефонски разговор не информираше дека се чувствува добро и дека нема никакви симптоми. Мерката за самоизолација му стартува од денеска.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на својот интернет сајт истакна дека покрај Стојановиќ позитивни тестови добиле тренерот на голмани Александар Царчев и ракометарите Марио Танкоски, Мартин Велковски и Мартин Поповски.
Брестовац на местото од Поповски го повика Гоце Георгиески кој не се најде на скратениот список минатата недела.
Македонската ракометна репрезентација мечевите со Финска и Швајцарија од квалификациите ги игра на 4 односно на 7 ноември.
OhridNews