Првиот натпревар од новото првенство во ракометната Супер лига ГРК Охрид го започна со победа. Во добар, фер и коректен натпревар се виде дека сме поквалитетен противник, вели тренерот на ГРК Охрид, Раде Стојановиќ.

Борбата и жарта беше тука, можеби и малку беше чудно тоа што  после година и половина играме пред публика, благодарам до сите што дојдоа, и посакувам на наредните натпревари да дојдат и во поголем број. Поддршка на трибините имавме и од „Рибарите“. Во второто полувреме се виде разликата во квалитет кој е на наша страна, изјави за OhridNews Стојановиќ.

Победата, која “гладијаторите” ја остварија без Манасков, кој доби поштеда поради повреда, додаде Стојановиќ, е подарок за пикерот  Тасески, кој викендов правеше свадба.

Според тренерот Стојановиќ ова првенство е најквалитетно во изминатите години.

Ова првенство по мене е најквалитетно во изминатите години затоа што го знаеме потенцијалот на Вардар и Еурофарм. Мора да се оди на победа на секој натпревар, бодовите се важни  бидејќи наша крајна цел е плејофот. Доколку се пласираме на некое погорно место во плејофот ќе имаме можеби олеснителна околност, но не сакаме да брзаме како минатата година, сега одиме чекор по чекор, вели Стојановиќ.

Следен натпревар за „гладијаторите“ е Езерското ракометно дерби со Струга. Стојановиќ вели дека на секој натпревар Охрид оди на победа, а така ќе биде и во дербито.

 

OhridNews