Пишувањата дела за деца бара многу време, посветеност и пожртвуваност од страна на авторите, а децата се најсовршена и најделикатна читателска публика, вели Д-р Кристина Стојаноска Алоска, стоматолог и автор на книги за деца по повод 2 Април Светскиот ден на литературата за деца.

Оваа литература во денешно време бара творечка и креативна обнова. Творењето за деца и не е баш така едноставно, затоа што книгите напишани за деца треба да бидат напишани како една аморова стрела и да допрат право до детското срце. Пред се треба да бидат интересни, фантастични, авантуристички. Да бидат богати со интересни ликови, места и случки. Едноставно треба да бидат добри и прифатливи за нив, вели Стојаноска Алоска.

Инспирацијата, вели, кога пишувам за деца е како еден непресушен извор со променлив интензитет, а како еден подарок за сите деца го најавувам и издавањето на моето следно дело „Книгата со приказни, време за пижами“.

Станува збор за десет илустрирани интересни приказни од секојдневниот живот во кој се среќаваат како ликови луѓето, возрасните и децата, но и животните и предметите. Истата е наменета за најмладата читателска публика. Напишана е, потребно е само да најдам соодветен издавач, додава Стојаноска Алоска.

Инаку, Стојаноска Алоска е автор на две брошура „Грижа за забите“ во 2013 година и „Насмевка без кариес“ во 2014 година двете во издание на Црвен крст, коавтор на книга „Приказна за болното запче“, како и „Насмевка за петка“ во 2017 година во издание на Едука Мак промовирана на Саем за книга во Скопје.

Н.С.Ј.