Пумпмната станица кај Метропол, бунарите над Билјанини извори и управните згради на „Проаква“ во Охрид и Струга ќе добијат струја, а општините нема да ги исклучуват трафостаниците за кои тврдат дека се во нивна сопственост. Ваков договор постигнаа претставниците на општините и ЕВН по еднодневната  вербална војна што уследи по исклучувањето на „Проаква“ од електро системот поради долг од 1 милион евра.

Исклучувањето беше предупредувачко и уште денеска „Проаква“ ќе добие струја, ни изјави портпаролот на ЕВН. Ленче Карпузовска. Попладнево како што бевме информирани од одделението за односи со јавност при локалната самоуправа во Охрид, бил постигнат договор викендов да нема никакви исклучувања, а решението за проблемот да се бара на нова средба помеѓу претставници на општините Охрид и Струга и на ЕВН што ќе се одржи во понеделник.

„Со договорот постигнат доцна попладнево се отстранети неизвесностите околу редовното снабдување на граѓаните со вода за пиење, од една страна, и нормалното снабдување со електрична енергија на сите делови од општината, од друга страна“, соопшти општината Охрид.

Како што веќе информиравме ЕВН денеска ја исклучи „Проаква“ од електро системот и ја одби понудата главницата од долгот во висона од 700.000 евра да биде сервисирана со компензација за 15 трафостаници за кои општините Охрид и Струга тврдат дека се нивна сопственост. Незадоволни од таквата одлука, општините денеска се заканија со исклучување на спорните трафостаници со кои стопанисува ЕВН, за подоцна таквата одлука да биде ставена во мирување до понеделник.

Портпаролот на ЕВН, Ленче Карпузовска, зa Ohridnews изјави дека согласно законот за енергетика никој нема право да го попречува снабдувањето со електрична енергија. За намерите на општината Охрид известена е Регулаторната комисија за енергетрика, рече Карпузовска. Според неа општините Охрид и Струга не поседуваат доказ за сопственост над трафостаниците за кои тврдат дека се нивни. „Со ваквото самоволие се нарушува јавниот интерес на граѓаните и се крши законот“, вели Карпузоска.

Вербалната војна помеѓу ЕВН и општините Охрид и Струга викендов е ставена во мирување. Дали ќе продолжи ќе се знае по завршувањето на новата рунда преговори закажана за понеделник.

ohridnews