Режисерот Стивен Спилберг ja симнал медиумската ѕвезда Опра Винфри од тронот за највлијателна славна личност во САД, покажа годишната студија на списанието Форбс. За неговото влијание помогнал неговиот најнов филм „Линколн“ кој минатата година бил номиниран во 12 категории за Оскар, а заработил 275 милиони долари во кината ширум светот. Списанието наведува дека способноста на режисерот да ги привлече странците да ја гледаат драмата за 19-вековната политика и изборниот систем во САД го покажува неговото влијание. Филмот на странските пазари заработил 93 милиони долари.

Форбс наведува дека 47 проценти од испитаниците оцениле дека Спилберг е влијателна фигура. Винфри, која минатата година била на врвот на листата со 49 проценти, сега паднала на второто место поради тоа што не била толку присутна на малите екрани во изминатава година. Авторот на „Војна на ѕвездите“, режисерот Џорџ Лукас, се нашол на третото место на листата и покрај тоа што ретко се појавува во јавност. На четвртото и петтото место се наоѓаат режисерите Рон Хауард и Мартин Скорсеже.