Светски познатиот физичар Стивен Хокинг предупредува дека на човекот му преостануваат помалку од 1000 години на Земјата. Тој смета дека доколку не ја напушти Земјата и не почне да населува други планети човештвото неизбежно ќе почне да изумира.

-Мора да продолжиме да одиме во вселената за иднината на човештвото. – истакнал Хокинг во едночасовниот говор на Универзитетот Оксфорд во Англија.

Претходно годинава 74-годишниот научник предупреди дека технолошкиот развој може да го доведе човештвото на раб на катаклизма.

-Се соочуваме со бројни закани по нашиот опстанок, од нуклеарна војна до глобално затоплување и генетски модифицирани вируси. Опасностата во иднина ќе расте со технилошкиот развој, а шансите да се случи катастрофа се големи. – рече во јануари Хокинг.

Според него пронаоѓање на нова населива планета може да биде клучно за опстанокот на човештвото. Тоа според него нема да се случи во наредниот век поради што луѓето треба да бидат исклучително внимателни, вели Хокинг.

НАСА во 2009 година започна голема потрага во вселената по таканаречените егзопланети кои во иднина би можело да ги насели човекот. Околу 2000 планети имаат таков потенцијал, а 4500 чекаат да бидат истражени.

OhridNews