Американскиот комичар Стив Мартин конечно ќе добие вистинско признание за долгогодишната работа во американската кинематографија. Имено, од Американскиот филмски институт најавиле дека на претстојната церемонија Мартин ќе добие награда за животно дело. Хауард Стингер, претседателот на одборот за оваа награда, рекол дека тој е моќна креативна сила која не може да биде сопрена.
Стив Мартин се прославил како стенд-ап комичар пред да почне да снима филмови, а веќе е добитник на една награда Еми, четири Греми и еден почесен Оскар. Меѓу добитниците на наградата за животно дело веќе се Мерил Стрип, Том Хенкс, Стивен Спилберг, Клинт Иствуд, Џек Николсон, Ал Пачино, Морган Фримен, Мартин Скорсеже, Елизабет Тејлор, Алфред Хичкок, Бети Дејвис, Ворен Бити и многу други.