Латвиската авио компанија „Air Baltic“ од Рига, инспирирана од стилот на охридскиот ликовен уметник Сашо Блажес, генерираше слика со помош на вештачка интелегенција со која ја промовира линијата кон главниот град на Македонија, Скопје. Креативата создадена со помош на ВИ се најде на насловната страна на списанието „Baltic outlook“.

Неодамна добив телефонски повик од „Air Baltic“ од Рига , Латвија и бев прашан дали мојот стил можат да го искористат за генерирање на „AI“ слика од Скопје и дека ќе им биде чест доколу една слика стават на насловна страна, а уште една во списанието Baltic outlook, вели нашиот уметник.

Сашо Блажес упати благодарност до „Baltic outlook“, како и до кустосот во Музеј на Соврмена Уметност Бојана Јанева која, на барање на латвиската авио компанија го контактирала уметникот.

Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано голем број самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија и други држави.

Негови дела се наоѓаат во приватни колекционерски збирки на повеќе континенти. Неговиот интерес во уметноста е насочен кон графиката и сликарството, фотографијата, музиката и кураторството.

Г.М.