Со положување на цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“ и панихида на гробот на Прличев во дворот на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“, продолжуваат чествувањата на ликот и делото на Прличев, кои започнаа вчера, во рамки на програмата „Прличеви беседи“.
Од 11:30 часот во Спомен-куќата на Прличев ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ каде, меѓу другото, ќе бидат врачени наградите на одбраните литературни творби на конкурсот што го распишува охридското основно училиште што го носи името на „Охридскиот Хомер“. Настанот ќе биде заокружен со читање на наградените творби и промоција на книгата „Охридските писатели во книжевната критика“ на авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.
Во 12:30 часот предвидено е полагање ловоров венец и свежо цвеќе пред спомен–бистата на Прличев пред градската библиотека, при што е предвидено и обраќање на Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писатели на Македонија.
„Прличева визита“ е настанот што ќе се одржува од 13 часот во „Прличевата одаја“ на градската библиотека, во рамки на која ќе биде врачена и наградата на лауреатот на најдобрата беседа за 2025 година, што оваа година и припадна на Ева Ивановска.
Програмата за одбележување на годишнината од смртта на Прличев завршува со свечена приредба по повод патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“ од 19 часот во Центарот за култура.
OhridNews