На граничниот премин Табановце денеска стигна првата пратка од вакцини на „Фајзер“, донација од Република Србијја. Првите 4.800 од предвидените 8.000 вакцини против Ковид-19 на премиерот Зоран Заев му ги предаде српскиот претседател Александар Вучиќ.

Короната долго ќе трае и сите се добредојдени за помош и Сараево и Подгорица и Приштина и немаме никаков проблем со тоа. Ќе дојде и помошта од Европската Унија подоцна, но ние можеме едни на други да си помогнеме, истакна српскиот претседател Александар Вучиќ.

Јас сум малку политички поискусен од премиерот Зоран Заев и затоа секогаш прво верувам во својот коњ, а потоа во другите. Затоа уште во март и април почнав да барам начини за да набавам вакцини, рече Вучиќ во одговор на прашање по примопредавањето на српската донација вакцини од „Фајзер“ за македонскиот народ на граничниот премин Прешево-Табановце.

Премиерот Заев посочи дека односите што ги имаме со Србија и Албанија се пример за соработка која ја унапредува соработката што ја имаме низ европските процеси и Берлинскиот процес.

Сакаме да покажеме многу повеќе од тоа што досега е постигнато. Отворени се вратите и за Косово и за БиХ и за Црна Гора и верувам дека многу брзо ќе се приклучат на оваа инцијатива затоа што носи само добро и придобивки за народот. Од Европската Унија очекуваме многу брзо да ги испрати вакцините на солидарност. Комесарот Вархеји најави 70 милиони евра помош, а причините се недостатокот на вакцини, рече Заев.

Во ваков недостаток на количини, потенцира, српскиот народ одвојува од своите вакцини и дава на македонскиот народ.

Ова е сериозна голема порака на братство и пријателство која што секако нашиот народ ќе знае да ја цени, потенцира Заев.

Пратката вакцини од Србија требаше да пристигне пред неколку дена, но беше одложено поради технички причини, поради усогласување на техничка документација. Станува збор за вкупно 8000 вакцини од „Фајзер“ кои ни ги отстапува Србија, а кои неколку недели чекаа на одобрение од производителот во земјава.

Покрај оваа пратка се очекува и испорака на 200 илјади дози вакцини од Кина, за кои е потпишан договор во понеделникот.

Интерес за вакцинирање преку онлај апликацијата до вчера имаа иразено над 40000 граѓани. Преку матичните лекари за вакцинирање се пријавени 12 652 лица.

Веб-страницата на која може да се пријават граѓаните за вакцинирање беше пуштена во функција пред четири дена. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање ќе може да се врши и преку системот „Мој термин“.

Според предвиденото од надлежните институции, во првата група за вакцинација се здравствените работници и лицата над 70 години.

OhridNews