Кандидатот за градоначалник на Охрид од партијата Демократи, Стевчо Стевовски, по втор пат во трката за градоначалничката функција. Овој пат зад него стои партија, а на локалните избори во 2017 учествуваше како независен кандидат. На прашањето на OhridNews-зошто повторно го минува истиот пат-локалните избори, Стевоски вели: „ме води моето разочарување од продолженото нефункционирање на општината, при што урбаната мафија продолжува да го уништува и нагрдува нашиот град“. Охрид во иднина го гледа како модерен туристички центар, со подобрена безбедност, мир и тишина, контролирана бучава од угостителските објекти. На патот Охрид-Св.Наум би изградил тоалети и велосипедски патеки, би вовел задолжителна општинска полиција.

Инаку, Стевче Стевоски е роден во 1967 година во охридското село Елшани, каде и сега живее со своето семејство. Дипломиран криминалист, завршил на Факултетот за безбедност во Скопје, на отсекот Борба против организиран криминал. Над 25 години работи во Секторот за внатрешни работи Охрид. Оженет е, татко на две деца.

 

ON: Втор пат по ред се кандидирате за градоначалник на Охрид, што Ве мотивираше?

Стевче Стевоски: Првиот пат секогаш е најтежок, но сепак моето разочарување од продолженото нефункционирање на општина Охрид, при што урбаната мафија продолжи да го уништува и нагрдува нашиот Охрид, како и немањето одговорност од лицата кои ја задолжија општина Охрид со 50 милиони евра, е причината поради која повторно се кандидирам. Сепак ќе напоменам дека главен мотив љубовта кон Охрид и лично дадената моја обврска да продолжам да се борам, за Охрид да се спаси од тие насилници и узурпатори на правдата, на националното и културно богатство на Охрид и Македонија.

ON: Каква е Вашата визија за Охрид?

Стевче Стевоски: Охрид мора да биде модерен туристички центар како во Македонија, така и во светски рамки, каде белата чума ќе запре, а посетителите, гостите и туристите Охрид ќе го сакаат како свој втор роден град, со подобрена безбедност, мир и тишина, со контролирана бучава од угостителските објекти, пристоен јавен и такси превоз и зголемена туристичка понуда, како и директна подршка на приватниот сектор за зголемен број на вработувања.

ON: Доколку ја добиете довербата од охриѓани, што ќе биде ваш приоритет, што прво ќе направите, бидејќи новиот градоначалник ќе има скратен мандат?

Стевче Стевоски: Прво ќе се утврди финансиската состојба на општината и јавните претпријатија, со отворање на ревизиона постапка на сите досегашни градоначалници и Совети, а со цел барање одговорност и отчетност за долгот на општина Охрид. Второ: оформување на нов оддел за внатрешна контрола каде граѓаните ќе пријавуваат неправилности во работењето на општинската администрација. Трето: оформување на општинска локална ПОЛИЦИЈА со овластувања, 24 часа работно време, а со цел примена на надлежностите од Комуналната инспекција, сообраќајната, градежната и туристичка инспекција со што ќе се воведе ред во општината Охрид.

ON: Каква локална самоуправа може да очекуваат граѓаните доколку Вие ја водите?

Стевче Стевоски: Новата локална самоуправа ќе биде целосно посветена на решавање на проблемите и потребите на граѓаните, како и на приватниот сектор. Еднаква за сите.

ON: Каква политика на развој на стопанството и туризмот како една од носечките гранки во градот, треба да води општината?

Стевче Стевоски: Општината треба да биде помагач и поддржувач на идеите на приватниот сектор и развојот на туризмот како летниот, верскиот, семинарски, студентски со посебен осврт и внимание врз развојот на селскиот туризам.

ON: Државата го презеде управувањето со колекторскиот систем и најави преземање на плажите на Охридското Езеро. На барање на УНЕСКО се напушти идејата за изградба на експресен пат преку Галичица и изградба на ски центар. Како гледате на ваквите мерки?

Стевче Стевоски: Странските и домашните туристи копнеат да го видат Охрид, езерото и националниот парк Галичица во природна состојба. Од експресни патишта, големи и бучни дискотеки и сообраќаен хаос истите бегаат. Тие доаѓаа во Охрид за мир и спокој. Јас како градоначалник, ќе извршам реконструкција на патниот правец Охрид–Св. Наум со изградба на повеќе тоалети, велосипедски и пешачки патеки како и јавно осветлување на патот од Св. Стефан до Св. Наум по целата траса.

ON: Голем критичар сте на досегашните политики на големите партии, кои јавно ги обвинувате за спрега со подземјето. Има ли тоа, според вас, некаква врска со тоа што Охрид е сеуште најзадолжена општина во земјата, иако државата презеде половина долг. Решение?

Стевче Стевоски: Сите сме сведоци дека урбаната мафија во Охрид го контролира и раководи градот. Тоа мора веднаш да запре за доброто на градот и Македонија. Преземањето на долгот од Владата без обврска истиот да се врати во буџетот на државата, значи само субвенција доделена на криминалци кои тој толг го направија пред се со несовесно работење во службата, како и во спрега со поединци со што одредени износи се фингирани. Мора да има одговорност за секој.

ON: Какви планови имате во областа на образованието, спортот и културата?

Стевче Стевоски: Мора да се зголемат инвестициите во младите како би изградиле здрава и силна младина и иднина.

ON: Кој е Стевче Стевоски во приватниот живот, како го минува слободното време, има ли хоби?

Стевче Стевоски: Живеам со семејството во Елшани каде мое големо хоби е производство на здрава храна за семејството. Често го посетувам Нациналниот парк Галичица–Голем врв,  кој се наоѓа веднаш над селото.

ON: Имате децениско работно искуство во полицијата.  Што му вели полицаецот на политичарот Стевоски?

Стевче Стевоски: Не се откажувај и верувај дека еден ден ќе дојде правдата и вистината и во Охрид.

ON: Порака до гласачите…

Стевче Стевоски: На овие избори гласачите да му дадат црвен картон на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ  со нивните кандидати- доктори специјалисти, односно да ги вратат назад во здравството каде им е и местото. Да не бидат двајцата заложници на двете сестри од мајка Мафија и татко Јуда, односно да бидат горди и хумани доктори кои ќе се грижат за здравјето на охриѓани.

OhridNews