Магијата на кулинарските вештини во кујната на Факултетот за туризам и угостителство, Охрид денес ја презентираа великаните во областа на гастрономијата од регионот. Дел од животното искуство на студентите при ФТУ го пренесоа миленикот на многу генерации од бившите југословенски простори Стево Карапанџа, претседателот на здружението на шефови на кујни на Црна Гора, Вуксан Митровиќ, Томаж Возењ, Жељко Невен Бремец и Ѓорѓе Костиќ.
Карапанџа како еден од најпознатите готвачи во регионов, им порача на младите луѓе дека гастрономијата е многу атрактивна професија која нуди широки хоризонти и можности. Со цел да ги мотивира студентите, тој им го раскажа примерот на неговата кариера. Вели дека денес се овде за да им пренесат на студентите дека секој еден од нив има шанса за да оствари кариера како мајстор во кујна.
Високата побарувачка на готвачи и високите плати го прават атрактивно ова работно место, а готвачите добиваат и многу други можности. Медиумите се другата важна алка за перцепцијата кои ја имаат младите за професијата. Кога јас започнав со емисиите бев пионер во тоа, и тогаш младите добија малку поинаква перспектива за готвачите. Денес, речиси и да не постои телевизија која во својата програма нема кулинарско шоу и тоа придонесе за една поинаква димензија на професијата и ги доведе младите до угостителските школи, што особено ме радува бидејќи туризмот е многу важен. Се надевам дека ситуацијата во гранката ќе се подобри и дека се повеќе млади луѓе ќе се одлучат да ја изучуваат гастрономијата затоа што е навистина прекрасна професија, вели Карапанџа
Тој истакна дека во Хрватска во последно време има навистина голем интерес за кулинарството. Сепак, миграцијата си го прави своето и факт е дека многу луѓе се отселија па се соочуваат со голема побарувачка на работна сила. И Црна Гора се соочува со недостиг на добри готвачи.
Еден од најпризнатите 20 готвачи во светот, Вуксан Митровиќ, вели дека Македонците како добри готвачи и вредни луѓе се добредојдени насекаде низ светот.
За да биде некој добар готвач, пред се е многу важно образованието, ама и реалната пракса во кујните на еминентни хотели и ресторани, истакна Митровиќ.
Гостите во ФТУ се на покана од доц. Д-р Климент Наумов и Момчило Цониќ од Лесковац кој е докторант и предавач на ФТУ – Охрид, со цел студентите да можат да извлечат дел од искуството директно од најголемите кулинарски мајстори.
Дојдовме на идеја да ги поканиме овие ценети имиња во гастрономијата со цел да им покажат некои мали тајни на нашите нови студенти, но исто така и на студентите од поодминатите години на насоката гастрономија, со цел да побудиме интерес и да ги мотивираме да бидат поисполнителни, да не се предаваат и да бидат поамбициозни, вели Наумов
Посетата на еминентните шефови на кујна од регионот на Факултетот за туризам во Охрид, е во рамки на патувањето низ Македонија, што го организира Македонската асоцијација на шефови на кујни Гастромак.
Се заблагодарувам за беспрепрекорната организација на ФТУ што веднаш прифатија да се направи една ваква организација за студентите, затоа што тие се најважни. ГАСТРОМАК како единка не би можела ништо да направи без великаните на гастрономија од бившите југословенски простори. Честа што се денес овде не е само за Охрид, туку и за цела Македонија. Посакувам студентите да имаат бенефитот од нивната посета овде, истакна Адријана Алачки, претседател на ГАСТРОМАК.
Гостите и ФТУ како домаќин, изразија надеж за продолжување на соработката и разменување искуства и во иднина.
K.A.