Македонската кошаркарска репрезентација со биланс од две победи и еден пораз го заврши првиот круг од квалификациите за ЕП 2009 во Полска.
Во вечерашниот натпревар од 4 коло ја пречекуваме репрезентацијата на Летонија која со 83-82 не порази на отварањето на квалификациите.
Друга песна ќе беше ако Мираковски ги реализираше двете слободни фрлања во последната секунда на тој меч. Тогаш евентуалната победа во вечерашниот натпревар ќе значеше “виза“ за Полска. Но што е тука и вечерва мора да се игра максимално ангажирано во одбраната и концентрирано во нападот.
Капитенот Врбица Стефанов ја става во заборав победата во Талин, и комплетно се концентрира на следниот противник кој ни остана многу должен од оној прв натпревар во Рига.
– Одигравме машки, борбено и концентрирано, исклучително тимски на двете страни од теренот. Тоа е веќе зад нас, од натпреварот со Естонија ќе останат впишани двата бода и зголемената доза на самодоверба. Не очекува тежок противник, во веројатно најсериозниот испит што го има оваа генерација. Натпреварот со Летонија во сабота е клучен за нашиот пласман на Европското Првенство во Полска и затоа ќе треба да одиграме многу подобро и од Талин, но и од оној прв дуел во Рига против овој противник – вели Стефанов и апелира до сите вљубеници во кошарката и симпатизери на македонската репрезентација да дојдат во што поголем број во салата „Борис Трајковски“.
Натпреварот Македонија – Летонија се игра во салата “Борис Трајковски“ со почеток во 20.15 часот.
М.П.