Четири македонски пливачи ќе го започнат 27-от пливачки маратонот во Охрид. Македонската чета ќе ја предводи најискусниот Томи Стефаноски, кој заедно со Евгениј Поп Ацев го делат второто место во генералниот пласман, а останатите двајца се Александар Илиевски и Александар Панчевски.

– Дај боже еден од нас да победи на маратонот во Охрид. Ние секогаш влегуваме со големи амбиции бидејќи цел на секој спортист е да победи – рече Стефаноски.

За сериозноста на Стефаноски говори фактот дека во тимот за Охридскиот пливачки маратон го вклучи Бугаринот, Петар Стојчев, кој 11 пати во 20 учества успеа да го освои златниот медал.

– Победата во Канада ми даде знак дека Томи сезонава е во голема форма. Затоа дојдов тука да бидам дел од неговиот тим за Охридскиот пливачки маратон и да го направиме сонот на секој Македонец реалност – посочи Стојчев.

Во досегашните настапи на Стефаноски на маратонот во Охрид, тој ги има освоено сребрениот и бронзениот медал, а во неговата колекција недостасува златниот медал.

Мх.П.