Развојот на туристичката индустрија бара целосна координација и акција од различни чинители владини претставници, менаџери на угостителски објекти, туристички ентитети и авиокомпании. Сепак, прашањето за инвестициите и подобрувањето на туристичката индустрија во Македонија има неколку аспекти кои заслужуваат внимание. Македонија има определени инцијативи за развој на туризмот, но често недостасува конкретна и долгорочна стратегија за стимулирање на приватните инвестиции. Ова го посочи директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска во емисијата “Македонија наутро” на МРТ 1.

Велигденските празници секогаш се најава за летната туристичка сезона и ако го земеме предвид почетокот на оваа година, очекувањата за летната сезона 2025 се прилично позитивни, особено ако се земат предвид неколку фактори. Како што беше и во минатите години, Македонија има голем потенцијал да привлекува туристи од соседните земји, како што се Србија, Бугарија, Албанија и Косово. Се очекува дека ќе има зголемена посетеност од овие региони, и тоа не само заради природните убавини, туку и заради продолженото подобрување на инфраструктурата. Се очекува интерес за летни дестинации, како што се Охрид, Струга, Скопје, но и за планинските региони и села, вели Стефаноска.

Потенцираше дека новата авионска линија од Париз и стартот на линијата од Истанбул до Охрид, се одлични индикатори за растечкиот интерес за Македонија како туристичка дестинација.

Ова е позитивен знак за туристичката индустрија, особено во поглед на зголемениот број туристи од Западна Европа и Турција, додаде Стефаноска.

OhridNews