Клучно е создавање на Национална стратегија за развој на туризмот со посебен фокус на алтернативните форми на туризам, а воедно и подобрување на инвестициите во инфраструктурата, особено во руралниот дел на нашата земја што треба да биде основа за идниот развој, порача директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска по повод 27 септември Светскиот ден на туризмот.

Стефаноска ја пренесе пораката на Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутераш која се однесува на туризмот и мирот.

Светот размислува за длабока поврзаност на туризмот и мирот. Македонија се надополнува со темата во контекст на одржливиот туризам кој може да ги трансформира заедниците преку создавање работни места, поттикнување на вклученоста и зајакнување на локалните економии. Со зачувувањето на културното и природното наследство можат да се намалат тензиите и да се сочува соработката и мирниот развој и со соседните земји, рече Стефаноска.

Посочи дека во фокусот на планирани активности во наредниве неколку години треба да биде развојот на туризмот и имплементацијата на одржливи практики и политики, кои во целина имаат клучна улога и значително влијание врз рамномерниот регионален развој, дисперзијата на економскиот раст и подобрувањето на целокупната економска слика на нашата земја.

Светскиот ден на туризмот е воспоствен со цел подигање на свеста и важноста на туризмот и неговите општествени, културни, политички и економски вредности. Во таа насока и иднината на македонскиот туризам е развојот на културниот туризам, транзитниот туризам, еко-туризмот и промоција на одржливото и одговорното патување, како и заштита на животната средина и културното наследство. Како што овие форми на туризам добиваат на важност низ целиот свет, посветеноста на нашата земја во нивен развој, како и зачувување на нашите културни и природни богатства ќе ја позиционира Македонија како барана дестинација за одговорно патување, потенцираше.

Последните години, вели Стефаноска, туризмот во нашата земја бележи позитивен тренд со раст на туристичкиот промет, но растот, не значи и развој.

Земјава ќе мора да инвестира и посветено да работи за да се етаблира како дестинација со уникатен туристички бренд, што е од круцијално значење, но и основа за туристичка промоција, додаде Стефаноска.

Н.С.Ј./Г.М.