Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Билјана Стефаноска оствари посета на работилницата на Лупчо Паневски за рачна изработка на хартија и се запозна со еден уникатен занает кој претставува продолжување на старата традиција.
Работилницата, која е сместена во прекрасен амбиент во старото градско јадро на Охрид претставува продолжение на стариот средновековен начин на производство на хартија, кое потекнува од Кина уште од вториот век пред нашата ера.
Ваквиот начин на изработка е реткост во Европа и светот, а работилницата е единствена во Македонија. Работилницата од ден на ден има се повеќе гости и туристи, и претставува еден вид туристичка понуда на градот, посочуваат директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Производството на хартија во охридско, датира од 16-тиот век. Некои историски податоци укажуваат дека за прв пат во овој регион, хартија се произведувала во манастирот „Св. Наум Охридски“. Опремата која се користи за рачната изработка на хартија, е потполно едноставна и приближно иста со таа од порано.
Се користат сита со дрвена рамка и метална мрежа. Исто така, се користи и опрема за цедење, сушење и рамнење, кои ќе ги вратат посетителите далеку во минатото. Освен сржта на дрвото, во изработката може да се искористи и памук.
Гутенберговата преса во охридската работилница има голема историска важност, бидејќи во светот постојат само три, каде што со овој начин на производство им противречи на сите современи начини на производство и печатење на хартија, додава Стефаноска.
OhridNews