Кога ќе се симнете од превојот Стража надолу, крајпатните знаци, пред сеж, високите јарболи со знамето на една друга држава, ви оставаат впечаток дека тука повеќе не е Македонија. Потоа, пак ќе ви се појави кај Кичево, ќе ве следи се до пред Струга и потоа пак ќе ја снема. Со вакво предупредување се огласи во Охрид, вчрра, историчарот, проф. д-р Стефан Влахов Мицов, на трибината, по повод промоцијата од неговото последно дело “Држава – како се гради и брани”.Ја организираше КИЦ “Култура 365” ид Охрид, пишува „Утрински весник“.

– Како што Али Ахмети точно знае што сака и тоа јасно го кажува, така и првенците од политичките партии на Македонците, треба да го напуштат јазикот на воопштеноста, без визија, без никаква конкретност. Лидерот на Албанците, прво побара и доби – двете најголеми партии мегу Македонците и Албанците да прават влада. Сега бара наводен консензуален претседател што тој ќе го одбере, утре ќе бара таков парламентарен спикер, премиер… Македонците треба да тргнат од пописот, да го спроведат, да се преиспита реалниот број, односно процентот на Албанците во Македонија, и се што потоа следи. Без тоа, со губењето на идентитетот, се губи и Македонија, рече Влахов Мицов.

Новинарот Ѓорѓи Барбаровски книгата ја претстави како критички и аналитички осврт на македонското минато и сегашност, одговор на проблемите што се надвиснале над Македонија.

– Целиот 20. век ќе помине низ сенката на политичкиот и национален дефект, присутен низ целата историја наназад, а тоа е партијноста кај Македонците да ја разјадува државноста. Денес тоа израсна во најголема закана за опстојувањето на државата и на нацијата. Со длабоките идеолошки јазови, не остана ниту една вредност, ниту една цел која не обединува. Стасавме дотаму дури и името да не може да биде тој амалгам кој ќе не држи заедно, во добро и во зло. Затоа Влахов Мицов, приложува аргументи за начинот на кој ќе започне враќањето на македонската држава, со тоа што партиите ќе се покорат пред државните интереси, а не државата да биде нивни заложник, рече Барбаровски.

OhridNews
извор:„Утрински весник“