Потпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски е новиот претседател на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот. На оваа позиција Димоски бил изгласан едногласно од страна на охридските советници, во рамки на последната седница на Советот на општина Охрид.
Стефан Димоски има дипломирано на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Скопје. Пред да биде назначен за гласноговорник на Секторот за внатрешни работи Охрид, работеше во „Радио Охрид“, „Супер Радио“, „Канал 77“ и локалната „ТВМ“. Како новинар, поминал повеќе школи организирани од Британскиот совет, „Ројтерс“ и американската агенција „Ирекс“. Како портпарол, освен во земјава професионално се едуцирал во Хаг-Холандија и Белград-Србија.
Во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија е од 1996 година кога постанал и член на редакцискиот одбор на тогашниот интерен весник „92“. Оттогаш активно и посветено работи на полето на безбедноста иницирајќи меѓу другото и низа проекти од превентивен карактер во сферата на сообраќајот, борбата против дрога, кражбите и слично. Автор е и на проектите „Дрога вистина и заблуди“, „Велосипедска полициска патрола“ и поборник за реализацијата на мешаните македонско-српски полициски патроли во Охрид. Негова најнова иницијатива е реализација на такви патроли и со полицијата на Холандија. Димоски е еден од основачите и прв претседател на охридскиот регион на Интернационалната полициска асоцијација ИПА во состав на ИПА Македонија.
Магистрирал на Факултетот за безбедност и детективи при ФОН -Универзитетот во Скопје, на тема „Медиумска презентација на полициското работење“. Неодамна, Димоски ја издаде книгата „Полицијата и јавноста“.
OhridNews