Соединетите Американски Држави (САД) го поддржуваат договорот за влезно-излезните документи меѓу Косово и Србија и го гледаат како важен чекор напред кон нормализација на односите засновани на меѓусебно признавање, соопшти Стејт департментот за Гласот на Америка во врска со постигнатиот договор од двете страни.
Договорот за влезно-излезните документи е пример за ефективна примена на дијалогот за решавање на спорови и напредок. Дијалогот за Србија и Косово е механизам чија цел е да се постигне сеопфатен договор за нормализација на односите. Постигнувањето решение преку дијалог е од клучно значење за двете земји на нивниот пат кон европската интеграција, се наведува во одговорот на портпаролот на Стејт департментот.
Посочено е дека во дијалогот, со посредство на Европската унија, Србија се согласи да ги укине влезно-излезните документи за имателите на косовски документи, додека, од друга страна, Косово се согласи да не воведува документи за влез-излез за граѓаните со српски документи.
„Врз основа на посветеноста на двете страни и напорната работа на специјалниот пратеник на Европската унија, ги охрабруваме Србија и Косово да се ангажираат повеќе и во мир да тргнат напред“, се наведува од Стејт департментот.
OhridNews