Проектот „Купи куќа, купи стан“ досега го има решено прашањето на околу 600 семејства за да дојдат до сопствен дом, а државата помогна со 3,5 милиони евра субвенции. Ова го истакнува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за МРТ, во кое појаснува дека доколку еден граѓанин земе станбен кредит од 40 илјади евра, плаќа месечна рата од околу 250 евра – половина од оваа месечна рата преку проектот „Купи куќа, купи стан“ плаќа државата. Ако станува збор за куќа, поддршката од државата е поголема.

– Со овој проект банките досега имаат одобрено вкупно 20 милиони и 250 илјади евра станбени кредити, што се поддржани со над 3,5 милиони евра субвенции преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Значи, 20 милиони евра станбени кредити се одобрени на граѓаните со поддршка на проектот „Купи куќа, купи стан“, и тоа во сите градови низ Македонија. Нормално, во Скопје најмногу се одобрени во општините Кисела Вода и Аеродром, потоа доаѓаат и другите општини, но имаме и во внатрешноста на Македонија-на пример во Битола имаме 40 одобрени кредити, во Струмица- 31, во Куманово 30-тина итн. Низ цела Република Македонија, граѓаните го препознаваат проектот и со негова помош го решаваат прашањето на сопствен дом, вели Ставрески.

Посочувајќи податоци колку од висината на ратата покрива државата, тој потенцира дека проектот е добар токму во оној првичен период, кога е најтешко, кога луѓето собираат од секаде пари за да ја стокмат ратата, а Владата со овој проект помага тие да можат да ги пребродат овие првични години.

Во врска со организирањето саеми за овој проект, вицепремиерот смета дека се вистински погодок. – Од кога го организиравме саемот во „Сити мол“, па во „Рамстор“ преку директни средби, граѓаните многу подобро се информираат за можностите што ги нуди проектот. Преку 250 барања и кредити се одобрени од октомври 2014-та, од првичниот саем, и преку караванот „Купи куќа, купи стан“ што организираше средби со граѓаните низ Република Македонија. Токму затоа, ние планираме по летните месеци, на почеток од септември да продолжиме со караванот „Купи куќа, купи стан“, со организација на средби меѓу градежните компании, банките, Министерството за финансии и граѓаните низ цела Република Македонија, вели Ставрески.

Тој додава дека во меѓувреме останува отворена канцеларијата во Министерството за финансии, каде секој ден граѓаните кои се заинтересирани за овој проект може да дојдат во Министерството за финансии и на лице место со стручните лица од Министерството да ги добијат сите потребни информации и да се решат да земат кредит за да го решат прашањето на сопствен дом.

OhridNews

Извор:„МИА“