Податоците од Државниот завод за статистика според кои Македонија ја заврши 2009 со мал пад на БДП од 0,7 проценти и со пораст на економската активност во последниот квартал од 2009 година од 1,2 проценти покажуваат дека земјата е и официјално излезена од рецесијата, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
– Овие резултати ако се искомбинираат со намалувањето на невработеноста покажуваат дека Македонија во целина успеа да ја преброди кризата со најмали можни последици. Остварен е трет најдобар економски резултат во Европа мерено според БДП и спречени се негативните последици на пазарот на работната сила, подвлече Ставрески на прес-конференцијата во Владата на која присуствуваа и економскиот тим министри.
Според него, со тоа се потврдува дека економските политики поставени пред кризата и пакетите антикризни мерки спроведени во 2009 година помогнале македонското стопанство да ја помине кризата со најмали можни последици. Меѓу мерките кои се најзаслужни за тоа Ставрески ги издвои репрограмот на долгот на претпријатијата на крајот од 2008 година, намалувањето на ставките на социјални придонеси и укинувањето на данокот на добивка за делот што се реинвестира, можноста за користење на поволни кредити од Европската инвестициска банка и оптимално поставената фискална политика, како и зголемените инвестиции во инфраструктурата.
– Убедени сме дека оствареното во 2009 година е многу блиску до проекциите на Владата од 0,6 проценти пад на БДП со достигнатиот 0,7 проценти. Веруваме дека тоа дава силен кредибилитет за политиките и проекциите на Владата за следниот период кога очекуваме македонската економија да оствари позитивна ставка на растот од 2 проценти за оваа година, рече Ставрески со убедување дека и 2012 ќе бидат остварени високи стапки на раст од 4 проценти и повеќе.
Извор: “МИА”