Атмосферата кога се носи Буџетот на државата секогаш е слична и не е лесно. Постојат различни мислења меѓу министерот за финансии, премиерот и останатите министри, изјави денеска на вонредна прес-конференција вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески.
Тој појасни дека кога се носи Буџет, секој министер бара повеќе, а задача на министерот за финансии е да укаже што може да се реализира во претсојниот период, а што би останало за следната година.
„Министерот за финансии во секоја држава има задача да ги услогласи ставовите на сите министри и премиерот и во таа насока течат и нашите разговори. Буџетите во изминатите години даваа добри резултати за граѓаните и тоа е најважното“, рече Ставрески.
Истакна дека програмата за работа на Владата вклучува проекти во сите сектори и дека е природно е секој да сака пари за своите проекти.
Ставрески ги повтори успесите на економските политики на Владата во однос на растот, странските инвестиции, буџетот и невработеноста.
„Лани имавме втор најдобар резултат во однос на економскиот раст. Државниот долг на Република Македонија денес е под 35 отсто од БДП, што е меѓу четирите најмалку задолжени европски држави. Реформите што ги спроведува оваа влада веќе донесоа 30 нови странски компании, а годинава се очекуваат инвестиции на уште 25 компании. Успеавме невработеноста што ја наследивме од СДСМ од 37 проценти да ја намалиме на 27,9 отсто, што значи дека креирани се 125.000 нови работни места. Ова се резултатите на оваа Влада и на економскиот тим на оваа Влада“, рече Ставрески.
Тој директно не се осврна на претставените претходно во понеделникот снимки од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на кои, како што тврди опозицијата, Ставрески во разговор со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска коментира дека македонскиот буџет е празен, а тој не е магионичар.
На новинарско прашање во врска со автентичноста на снимките, Ставрески рече дека не коментира незаконски набавени снимки и дека целата работа ќе има правна разрешница.
„Заради карактерот на природата на снимките кои нелегални во оваа фаза не можам да коментирам за нешто што ќе има правна разрешница. Кога институциите ќе ја завшрат работата ќе се дојде до одговор. Јас реагирам на зборовите искажани на прес-конференцијата на Заев“, рече Ставрески.
Toj oцени дека Заев селективно презентира снимки и дека има многу случаи во кои се согласувале со премиерот, но таква снимка не е објавена.
OhridNews
Извор: „Макфакс“