Турците во Македонија секогаш ја респектирале овааа заедничка држава, бидејќи ја сметаме за своја татковина, но факт е дека сите останати имаат несериозен понижувачки однос спрема турците. Очигледно во Македонија сè се добива од позиција на сила. Така било во минатото така е и сега, а и Охридскиот рамковен договор не се исклучува од ова правило. Ние сме лојални, мирољубиви, проблемите секогаш сакаме да ги решаваме во рамките на демократските принципи, со дијалог. Но, очигледно во нашата средина тие правила не важат. Не треба да се забораби дека Турците при склучувањето на Охридскиот рамковен договор беа занемарени и не беа земени предвид интересите на турската заедница.
На 10-годишнината од независноста Македонија дојде на работ на граѓанска војна. После оружениот конфликт и престрелките, на 13 август 2001 година со помош на западните земји беше потпишан Охридскиот рамковен договор. Со потпишувањето на Договорот беше подготвена основа за понатамошно заедничко живеење на етничките заедници во земјата. Правдата која ја очекувавме од Охридскиот рамковен договор за жал не ја добивме.
За подобрувањето на правичната и соодветна застапеност на етничките заедници во органите на државата во 2006 година се донесе К 5 програмата. Но сега таа програма не функционира.
За жал во минатите 12 години видовме дека на Турците им се направени многу неправди. Турците во Македонија и другите помали етнички заедници покрај тоа што не можат да се интегрираат во општеството во исто време се и дискриминирани.
За период од 12 години турската заедница во администрацијата не е застапена ни со 30% во однос на вкупниот процент на население од оваа заедница во државата. За 12 години во голем број министерства немаме ниту еден вработен од турската заедница. Десетици млади кои би требало да работат во администрација седат дома и земаат плата. Како да им се вели седи дома, молчи, земи си ја платата и не работи за твојата заедница. Не ни е јасно кога овие млади ќе напредуваат во кариерата, кога ќе напредуваат во бирократската хиерархија? Или Турците вработени во администрацијата засекогаш ли ќе останат на дното од оваа хиерархија?
Ние сме маргинализирани, нашите права се минимизирани и ако ги споредиме нашите позиции од претходниот период ќе констатираме дека Турците во Македонија после Рамковниот договор станаа граѓани од трет ред.
Еден од основните принципи на Охридскиот рамковен договор, мултиетничкиот карактер на македонското општество, мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Турците од сè срце ова и го очекуваат.
Претседател на Партијата за движење на Турците
проф. д-р Аднан Ќахил
*Ставовите изнесени во рубриката „Отворена“ ( Писма-Колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.