Долги години се „шушкаше“ што се се` случува во македонската фудбалска репрезентација. Кланови, поделби, играм за овој селектор – не играм за овој, а можеби и најболното плати па играј за националната селекција.

Но, никој ама баш никој немаше образ или пак храброст да и погледне на вистината во очи и да ја пренесе пред македонската јавност. Не можеби туку сигурно за репрезентативецот или пак некој друг од селекцијата ќе беше тоа крај, но сите ние ќе знаевме што се работи, а вака вистината ни „крива ни должна“ сама излегува на површина.

Лошите можеби и најлоши одиграни квалификации во 20 годинешнето постоење, дебаклот од Србија, случувањата во соблекувалните на полувремето од тој меч, повлекувањето на капитенот Горан Пандев од репрезентацијата, а претходно заминувањето на селекторот Чедомир Јаневски ги отвори картите и ги покажа сите аномалии во нашата репрезентација.

Се` што години се криеше позади какви-такви резултати во квалификациите, сега неможеше да се скрие и да се побегне од вистината, која не е баш позитивна за фудбалот во Македонија.

Најголема вина за ваквите случувањата има Фудбалската федерација на Македонија. Новата гарнитура, која на собранието во Охрид „помина на зелено“ не донесе стабилност и професионалност во репрезентацијата која треба да е светост, а настапот за националниот состав да биде вреден злато.

Место тоа репрезентацијата повеќе наликуваше на „пазар“ на која фудбалерите се распродаваа по клубовите ширум Европа, едноставно таа беше искористувана за промовирање на играчите.

За промени секогаш има време, а дното е најдобро место за нов почеток. Промените треба да бидат што побрзо бидејќи  се неопходни во македонскиот фудбал до тогаш ќе живееме во оваа сурова вистина, која на никој не му оди во прилог.

Михаил Постоловски