Ја следам состојбата и размислувам, дали да се правдам за сосема законски изведена градба и се чудам како е можно во една правна држава да бидеме обвинети за организиран криминал од група граѓани – тотално нестручни лица кои се дрзнуваат дури да цитираат и закони кои воопшто не ги познаваат и да разгледуваат Детални урбанистички планови кои не знаат да ги читаат. За да биде трагедијата уште поголема се дрзнуваат да одредуваат и услови за изградба на објекти одредувајќи ја нултата кота – поточно котата од која се одредуваат влезовите во објектите и од каде се мерат предвидените висини според важечките Детални урбанистички планови. Истите тие ја поистоветуваат постоечката состојба на објектот со новопредвидената и тврдат дека новоизграденот објект требало да биде со ист габарит и висина со постоечкиот.
Заради појаснување секој еден објект се реализира според важечки ДУП. Секој ДУП поседува синтезен план на постојна состојба и синтезен план на планирана состојба. Тие два синтезни плана се разликуваат помеѓу себе, што значи дека планираната состојба на објектите не мора да соодветствува со нивната постојна состојба. Поготово не ако се работи за објект каков што беше постоечкиот “спорен“ објект, без никакви архитектонски и градежни вредности, а ни случајно не поседуваше елементи според кои можеше да биде прогласен за поединечно заштитено споменичко добро.
Според Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за споменичка целина од особено значење, точно е дека објектите не смеат да го менуваат габаритот и висината, но токму тука е и забуната, не смее да се менува габаритот и висината само на поединечно заштитените објекти, односно оние објекти за кои се донесени поединечни Решенија за заштита со точно пропишан режим.
За да биде иронијата и мизеријата уште поголема, истите луге кои не обвинуваат имаат изградено бесправни објекти. Анализирајќи го важечкиот ДУП габаритите на објектите кои што се лоцирани од горната страна на ул. Браќа Миладиновци треба да бидат повлечени во своите дворни места. Еден од соседите на нелегален начин има изградено гаража со несоодветна архитектура над која е изградена рамна тераса. Со габаритот на нелегалната градба се проширува се до границата на неговото дворно место.
Исто така госпоѓа чија куќа се наоѓа на растојание од повеќе од 500 м јужно од “спорниот“ објект во дворното место има изградено дива градба. Во целава сторија едно е многу нејасно: како може објект кој што се на наоѓа на 500 м северно од нејзиниот објект, да и го загрози видикот кон езерото. А уште повеќе не е јасна причината или мотивот заради кој таа се приклучила на оваа група граѓани, очигледно некој ја уценил или нешто и ветил.
Локациите на новоградбата и двата објекти на кои им се “загрозува“ визурата кон Езерото:
А, не е ни чудно затоа што соседот кој на нелегален начин има изградено гаража со несоодветна архитектура над која е изградена рамна тераса е способен за такви работи. Се закануваше и кога му ја поднесовме и пријавата за бесправна градба, а уште повеќе се закануваше во овој случај постојано вознемирувајќи не на телефон дури и во 24 часот.
Не обвинувате дека со изградбата на новиот објект сме ја деградирале вредноста на Вашите објекти. Почитувани граѓани, Вие сами си ја деградиравте вредноста на Вашите објекти бесправно доградувајќи ги.
И сега, почитувани охриѓани заклучете кој треба кривично да одговара и да биде обвинет за организиран криминал, оние што ги прекршуваат законите и што прават диви градби непочитувајќи ги Деталните урбанистички планови избегнувајќи го плаќањето на комуналиите, нарушувајќи ги амбиентите со несоодветните градби со метални црвени врати и рамни тераси или оние кои што изработуваат Елаборати, донесуваат Закони, ги спроведуваат законите и ги контролираат градбите при тоа трпејќи бројни увреди па дури и физички напади со мотика заради спречување оградување на дворно место според сите законски прописи, ги конзервираат споменичките добра се заради една цел: градот Охрид да го сочува она што го поседува, а тоа е неговата архитектура и многубројните споменички добра заради кои е посетуван и на кои, за жал му се восхитуваат повеќе туристите од нас охриѓани.
На крај ве прашувам зошто оваа прекрасна куќа го нарушува амбиентот на старото градско јадро на Охрид?
Тања Паскали – Бунташеска
Директор на НУ Завод и Музеј Охрид
*Ставовите изнесени во рубриката „Отворена“ (Писма-Колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.