Што се тоа марионети? – Кукли на конци со кои лесно се манипулира. Дали стравот за искажување на нашето мислење треба да не претвори во марионети? –Не! Затоа што марионетите се само кукли, предмети, а ние сме живи суштества полни со чувства и емоции и треба јавно да го браниме нашиот став и искажиме своето мислење, спротивставувајќи се на незадоволствата. Зошто да дозволиме нашата сенка да избледи и самите ние да станеме сенка на некој друг? Па сите ние сме еднакви како луѓе, сите сме од крв и месо и сите имаме душа. Не би смееле да дозволиме системот да ја погази нашата еднаквост. Каде би била тогаш демократијата? Секој се бори за себе и за своја корист. Ако е така, тогаш зошто и ние би се бореле за нечија корист ако сме свесни дека таа корист би била многу помала во најмал број на случаеви, или пак воопшто не би постоела. Зарем не сме сите еднакви и се стремиме кон подобар живот? Подобар живот и права сигурно не би постигнале ако некој манипулира со нас и игра со нас како што тој сака.
-Зарем не е време да се запрашаме кои сме и зошто треба да дејствуваме?
-Зарем не е време да ги скинеме конците на стравот кои не прават марионети, и да излеземе од театарот наречен исполитизирано општество, и да покажеме дека нашата слобода и став немаат граници?
Да не заборавиме дека сите сме луѓе, не сме кукли, неми кукли, нити пак неподвижни играчки, ние сме силата која го движи светот напред. Ние сме млади, независни, со желба за подобар живот и еднакви права, еднакви можности, кои треба да се овозможат пред да биде прекасно за нас, а неостварливо за идните генерации…
Еве една кратка приказна од која треба да извлечеме наравоучение.
Да замислиме дека на дното на некој длабок бунар има две жаби и секогаш кога ќе погледнат нагоре мислат, а можеби и се прашуваат дали небото е големо колку и отворот на бунарот. Едната жаба нема никаква храброст да дознае дали тоа е така.
Другата пак, се стреми за нови откритија и подобар обоен живот, и сака да излезе од бунарот во кој владее монотонија и сивило, бидејќи е многу храбра и пред се сака навистина да дознае дали небото е колку отворот на бунарот.
Што е разликата тука? Разликата е да се победи стравот, кој го чувствува првата жаба. Но како? Тука е изоставена кофата. Таа е главниот двигател на приказната. Ако првата жаба се плаши од промени, се плаши да направи чекор напред, се плаши од кинење на јажето за кое е врзана кофата, таа останува закована во бунарот, и никогаш не дознава дека небото е бескрајно. Но втората жаба, уште при прва прилика кога е спуштена кофата, скока во неа без страв и размислување и кога стигнува горе на површината на бунарот дознава дека небото е широко, бескрајно, а светот обоен и поубав…Сега таа го гледа животот од друг агол и со друга димензија…поубава од претходната.
Кофата е нашиот став, жабите сме ние, бунарот се тие што манипулираат или пак сакаат да манипулираат со нас, додека небото се нашите слободи и права, нашата еднаквост, нашиот заеднички покрив под кој сите живееме и сите сме исти. За да се искаже ставот, треба да се надмине стравот. А ако тој наш став биде општо прифатен тогаш ние сме ја постигнале целта.
За жал, секогаш ќе постојат и такви жаби кои ќе останат засекогаш заробени во бунарот и такви марионети кои ќе собираат прашина во театарот, но сето тоа ќе се одрази на нивна штета или пак штета на нивните генерации. А кога тие ќе станат свесни дека згрешиле што останале цел живот неми и намерно замижувале пред реалноста, ќе биде прекасно. Секоја генерација треба да е спремна за нова револуција, револуција со која ќе се прегазат неправдите на општеството во кое живеат!
Живејте го животот за вас, изразувајте го вашиот став со кој мислите дека ќе придонесете за општо добро на сите, не дозволувајте нечије влијание да ви ги сруши достоинството!!!