Позната перспектива. Стандардна Охридска сценографија. Со оваа композиција се обидувам да ја игнорирам реалноста. Секој ден имам пријатна конфронтација со оваа експозиција. Дома во Холандија. Се приврзувам на вакви слики. Како што имам и во други писма нагласено: најубаво во Охрид ми е тишината од градот, да се движам во утринските часови. Од 5.30 до максимално 8.00 саатот. Тогаш се гледа според мене вистинскиот Охрид. Без нервозни, без напнати несфатливи фаци, без шалтери, без неспособни службеници по различни институци, без безобразни таксисти, без главоболки, без неодговорни возачи. Во тие два часови дневно живеам во рајот. Се мирува тогаш. Како во вечна уметничка слика.
Одеднаш си сведок на обични необчини факти. На пример ноќен клуб и комунистичка трафика. Во текот на денот сите сме зафатени со периферни прашања, така што не обичните и обичните работи намерно ги пропуштаме. Како програмирани роботи веќе се ни е нормално. До Хавана има стара пропадната, пластична трафика. Некогаш функционираше за продажба на весници, цигари, мастики, разгледници, бинго, сладолед. Сега секој еден турист обавезно ја гледа оваа слика. Строго в центар во Охрид. Welcome in Ohrid 2012.
Се шетам покрај Славија. Не се тресам и не се шокирам никогаш ако скенирам скапо БМВ, луксузен Мерцедес, Ауди, Мустанг, Бентли, Порсше, Ранџ Ровер. Кога поминав покрај ова возило застанав. Се вратив. Уште еднаш да погледам внимателно. Секоја му чест на газадата од оваа кола. Аплауз и длабок почит. Да имаш храброст во ваква кола да се возиш низ Охрид. Застава 101, со најголемиот спојлер во светот.
Поминувам во летна утринска прошетка покрај Силекс. Продолжувам во некој див сектор. Шуми, треви, тесен асфалт. Во близина има страшни жолти бетонски простории. Пропаднати градби. Заборавени објекти. На топ, 5 звезди, А-локација. Одма покрај езеро. Сакам да се прошетам до водата. Портата е гостопримливо отворена. Се плашам да не ми излезе некој клошар, скитник или банда гладни страшни кучиња. Ја гледам плажата. Пред неколку години ова место функционираше како детска болница. Сега се е напуштено. Отворено и така оставено. Никакво. Како езерски оркан да е бил привремен гостин. И сите во шок да се веднаш излетани.
Гледам некој документи, така растурени. Таа слика кога ја видов некаде во септември толку досега никогаш не се имам изнервирано. До денес се мислев што да правам. Толку сум разочаран во се и секого. Се работи за почит и одговорност. Замисли да си дете, моментално на пример 8 годишен, и твоите медицински тајни се некаде фрлени. Сите мислиме и се надеваме автоматски медицинските тајни се добро заштитени. Залудно. Голема срамота. Неодговорност. Имам повеќе и полоши зборови за овие квалификаци. Се воздржувам.
Како е можно? Болницата веке не функционира. И сигурно некој си наркомани, крадци имаат барано старо железо, бакар. Најверојатно имаат внатре пронајдено документи. И ги имаат на зафрканција фрлено надвор. Друго сценарио не можев да направам пред стариот влез. Сакав да ги фатам и да ги ставам во еден контејнер веднаш во близина. Ама тој беше преполн со ѓубре, ништо чудно. Интересни се вакви регуларни сцени. Како креативно “не ти, вие, ние, ама секогас други” оставуваат ѓубре покрај преполни контејнери. И тоа е уметност.
Помислив да се јавам во полиција и да ги пријавам документите. Како загрижен граѓанин. И што ако се јавам во полиција. Им е гајле на некого за некои лисја покрај езеро. Седи си мирен, си заклучив. Ниту ги фатив со прст. Така ги оставив. Се мислев да ги земам со мене и некаде во празен контејнер да ги фрлам или лично да ги однесам до маларична. Не. Така ќе ме направат мене крив и будала. Криви се поранешните одговорни, главни од овие институции или други кој имаат врска со оваа работа. Тие треба да се грижат, да преземаат мерки, да функционираат професионално. Како што научија во медицинската заклетва! Тие требаат да се мислат за сите документи од затворена детска болница. Не, јас. Романтичар во утринските часови кој што трчат покрај езеро. Зошто не се уништени или преместени во други простории од кога се затвори детскава болница? Имам многу прашања и исто толку одговори барам.
Најдов одговор: не-одговорноста владее за жал во секое ќоше во дневниот живот во Македонија. Секој си гледа за себе. Штета. Зошто?
Пуста слика дома на скалите. Секој ден ја гледам и се гордеам што сум дете Македонско. Со љубов им кажувам на Холанѓаниве каде сум роден. Рекламирам да идат во Охрид. Правам промоција. И веќе идат неколку. Инвестираат во Македонија. Скоро се позитивно им зборувам. Ние си ја знаеме вистинската приказна. Маки. Реалноста покрај сенката од боената убава земја. Тешко нас. Трпиме, такви сме. Питоми. Не кукаме, не плачеме. Се надеваме некогаш ке биде се перфектно. Но се што почнува со “ќе” во Македонија се знае како завршува. Ќе средиме, ќе видиме, ќе ти се јавам, ќе ти кажам, ќе те побарам, ќе се потрудам, ќе прајме муабет, ќе, ќе, ќе….
Ајде свесни, активни, школовани, дипломирани млади. Време е. Разбудете се. Не дозволувајте ни плавите, ниту црвените да ве користат евтино и плитко. Да ве употребуваат како марионети. Ви го блокираат мозокот и здравјето. Не вреди така да ве малтретираат газди и други одговорни. Да седите дома со нервози, несигурност, со психички проблеми, без перспектива, без пари, со 300.000 други жители. Живот под притисок, сиромашен. Поделба помеѓу безобразно богати и кутри жртви од економските состојби и политичките превирања. Вие сте на ред. Не стари волци. Белким со вашите идеали, сонови и промени “ЌЕ” биде тогаш можеби се’ покултурно, подобро, поквалитетно, посигурно и поубаво. Исто како магичната уметничка слика.
Поздрав
Влатко од Амстердам
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.