Многу ми падна тешко кога минатата недела, ако не се лажам за првпат, слушнав скандирање на “Алах Акбар” во Македонија. Но, колку и да е непријатно чувството предизвикано од сликите на протестите во Скопје, треба да се соочиме со реалноста како возрасни и одговорни луѓе. Притоа е важно да сме добро информирани за општите трендови и да го прилагодиме нашето однесување кон радикалниот ислам на домашна почва. Овде е од императивно значење робустно и силно да се одговори на неговото ширење но на мирен начин, почивајќи на нашите традиции и со доверба во сопствените способности.

Препознавање на опасноста од радикалниот ислам

Централен двигател на фундаменталистите е спроведувањето шарија: религиозен правен систем што постои над секуларните закони. Друга цел е создавање на исламски калифат: голема држава каде агресивно се применува шаријата и во која политичкото уредување се базира врз феудално-авторитативни принципи. Примери се Саудиска Арабија и Иран кајшто на концепти како демократија и индивидуална слобода се гледа низ средновековна призма, а пак законите се изведени преку селективна и прилично буквална интерпретација на Коранот. Природните права на човекот, етичките и моралните обврски кон другиот или пак социјалнот колективен договор еволуиран низ вековно заедничко искуство (т.е. граѓанскиот Устав) немаат место во еден шеријатски поредок.

Овде се наоѓам во дефицит на зборови за да ви ја потенцирам екстремната спротиставеност на оваа ситуација со вредностите на Западната цивилизација. Се она што се творело на Европско тло низ лоши и низ добри времиња – помислете на Да Винчи, Бетовен, Ниче, Наполеон, Толстој, Хелмут Кол па дури и Виенскиот Новогодишен Концерт кој го гледам како симбол на се – со други зборови збирот на западните достигања на секое поле е во длабок контраст со стремежите за основање шеријатски калифат.

Материјалното богатство на некои Арапски земји не треба да го замачка впечатокот: со доволно пари може само површината да се нашминка но за содржина треба цивилизиран развој, нешто што е многу потешко да се достигне. Ако имаат можност, на радикалните арапски исламисти око нема да им трепне додека го корнат плоштадот на Св. Марко во Венеција. Нема капка грев да почувствуваат додека ја конвертираат Св. Софија во Охрид во џамија. Да, навистина, кој сака да почувствува шарија нека ја прочита Македонска Крвава Свадба уште еднаш. Резонанцата со Турското од тоа време не е сосема исправна но е оправдана до некој степен во врска со оваа тема.

Радикални исламисти во сопствената средина

Ако сме сега на иста линија, се надевам, тогаш следното прашање е како да го препознаеме радикалниот исламист меѓу нас. Овде не се важни надворешните обележја како долгата брада или арапската мода, туку мислењето на соговорникот за некои стандардни теми. Како, на пример, се однесува кон жените и семејството? Дали би пуштил рака поздравувајќи жена? Дали го гледа општеството на премногу едноставен религиозен начин? Дали покажува екстремна нетолеранција кон наркоманите, хомосексуалците или проститутките?

Од друга страна, радикалниот ислам функционира исто како секоја друга секта. Нивната пропаганда, користејќи едноставни сугестивни методи, ја  употребуваат врз млади, незадоволни и емоционално нестабилни луѓе. Тие како такви се и намерно таргетирани. Дали вашиот соговорник го сменил мислењето за некои работи скоро преку ноќ? Дали е наеднаш задоволен сам со себе и самоуверен без всушност да преминал некоја од многуте реални препреки во животот, како на пример наоѓање добра работа или завршување образование со свои сили? Ова се знаци на ”перење мозок” кои во секоја ситуација треба да ве направи скептичен за добросостојбата на вашиот пријател ама и сосема да ве загрижи ако се појави во комбинација со знаци на религиозен радикализам.

Верниците во спрега со фундаменталистите

Во процесот на ширење на фундаментализмот постои точка од која нема враќање. Тоа е поврзано со создавањето на материјални услови за легално самофинансирање на екстремистите (продавничиња и други мали бизниси, земјопоседништво) и созревањето на религиозни ”херои” од локала проминенција. Мое мислење е дека во Скопје и некои други места во Македонија таа критична точка е веќе помината. Треба можеби да се помириме со фактот дека Скопје е ”отворена зона” каде вахабизмот на Балканот си најде центар на делување. Ама за некои други градови, особено Охрид, не е се уште доцна. Но не мислете дека нашиот град ќе е некако поштеден бидејќи за многумина важи како уникатен културен центар. Голема заблуда е верувањето дека постои некој што ќе го заштити Охрид со договор на ”високо ниво” ако ме разбирате. Мора да се дејствува од свиоте сопствени сили за да се испрати пораката дека тука нема плодна почва за шаријата.

Треба да се потенцира дека радикалниот исламизам е многу повеќе еден вид на антицивилизациско движење и авторитативна политичка идеологија него што е религиозна определба. Кај исламот, дури во и поконзервативните средини, уништувањето на слободата на индивидуата не е ниту помалку ниту повеќе присутно него кај другите тврди религии. Радикалните исламисти само го користат религиозното доживување на единство пред бога како инструмент за политичко-идеолошко обединување. Затоа и нивните политички организации се викаат ”муслиманско братство” – ја поврзуваат политиката со религијата. На западот му требаше векови борба и долги мачни периоди за да ја продибие таа вредност на одделена црква и држава. Се надевам дека ви е сега јасно колку е голема опасноста што демне зад радикалниот исламизам: на пример мотото ”ако си против муслиманското братсво тогаш и си против господа.” е во длабок конфликт со било каков колективен напредок и едноставно води кон модерно средновековие.

На крајот би сакал да истакнам дека традиционалниот ислам, како и сите други религии, не бара претопување на неверниците и насилни интервенции во животот на луѓето а во името на бога. Во ранливи и помалку развиени средини сепак се се сведува, нажалост, на догматска интерпретација на светите книги. Затоа треба да се има предвид дека религијата е исклучиво за индивидуата и треба да го формира неговиот морален патоказ, баш онака како што сакале пророците. Верата не е збир на обреди и обичаи кои имаат за цел да се ”сплоти” народот, нејзината вредост е подлабока од едноставната порака дека еве и ние припаѓаме кон некоја група. Ова мислам дека треба и православието да го истакне на повеќе проминентен начин.

Локалното дејствување против фундаментализмот е најважно

Клучот на ваквото дејствување се сограѓаните – традиционалните муслимани. Тие се првите кои мораат во сопствениот двор да се соочат со радикалните исламисти и затоа токму нив треба да им се даде поддршка. Јасно е дека при менување на структурата на локалната муслиманска средина токму тие најмногу ќе изгубат, имајќи предвид дека сакаат да се интегрираат во сопствена, независна и автентична заедница со европски вредности а воедно и да стекнат меѓународна институционална доверба (што е ништо друго него доверба во сопствената развојна способност). Но, за жал, неспорно е дека особено кај македонските албанци има недостаток на вистинско лидерство за забрзување на интеграцијата. Токму затоа ќе сакаат да го бараат истото однадвор. Помислете само колку проблеми имаат етничките македонци со неквалитетното политичко претставување а камоли пак албанците кои се додатно оптоварени со децении долгата историја на маргнализација… Но, да не ја дефокусирам темата, едноставно мора да им се помогне на умерените муслимани да се спротистават на надворешните радикално-исламистички влијанија.

Политиката

Најсилната алка во овој контекст се македонските турци кои локално имаат значително и, според мене, позитивно влијание. На другата страна пак се ромите како најболна точка на општеството уште од памтивек. Една идеја која можеби добро би ја примиле во една од политичките партии на македонците – имајќи ги предвид нивнте проблеми со соодветен персонал во Охрид – е кандидирањето на македонски турчин-староседелец за градоначалник во градот. За оваа идеја има други аргументи кои овде не им е место да ги претставам но целта, во овој случај, е да се засили традиционалната муслиманска средина и на отпорот кон фундаментализмот да му се даде еден вид на институционална компонента. Дека кандидирањето на турчин е направено токму со оваа намера не треба ни да се крие, тогаш недвосмислено ставаме до знаење дека градот е офф-лимитс за арапските фундаменталисти. Јасно, ова е ризично и затоа треба внимание и барем некакви гаранции.

Граѓаните

На индивидуален план е добро да христијаните изразат интерес за случувањата во заедниците на колегите или пријатели муслимани, особено во религиозниот живот. Секако треба да се биде претпазлив и да не се ”удира” на радикализмот бидејќи иницијативата треба да ја земат самите тие (инаку се врши патронажа). Најважно е да им се стави до знаење дека христијаните се отворени, ја почитуваме нивната религија и дека ако некој е во ризик да падне под влијание на екстремни идеи – тука сме да им помогнеме. Не е важно дали нудиме директна материјална помош, совети или ставање на сопствените врски и мрежа на пријатели на располагање. Исто така е значајно да се прави разлика во индивидуалните ситуации и да не се става све во еден кош. Постарите имаат добра претстава за тоа како функционира ваквата сплотеност и кои резултати е реално да се очекуваат. На помладите пак им треба мотивација да ја одбијат бурната и примитивна реакција на безусловен насилен отпор кон арапско-фундаменталистичката иконографија што сите ја видовме во Скопје. Спомнете како Милошевиќ со таа емотивна политика го прокоцка напредокот на целиот регион.

Другата страна треба исто така да се покаже. Треба да биде јасно ставено до знаење дека исламски радикализам нема да биде толериран и не треба да се срамиме да реагираме жестоко кон оние што покажуваат приклоност кон таа опција. Не заборавајте ја сликата за радикалниот ислам што пробав да ја скицирам погоре: нема толеранција за анти-цивилизациски движења колку и да се оптеретува однадвор со теоретски мултикулти клишеа. Односот кон тоа, за среќа, се менува на Запад . Понатака, нема дискусија со радикалниот исламист на верски теми: едноставно не постои аргумент кој го оправдува каменувањето жени или сунетот за девојчиња (да, тоа постои кај арапските фундаменталисти и резултира со крајно унаказување на кутрото дете). Со селективноста во однесувањето на христијаните кон традиционалните версус радикалните муслимани им се дава моќ и воедно се создава поттик првите да самите дејствуваат негативно врз вторите.

Важно е овде да се укаже дека на државните институции, на пример полицијата и судовите, им е тешко да ја покажат оваа селективност бидејќи се обврзани со ред анти-дискриминирачки закони и негативни политички договори. Треба разбирање за нивното однесување, јасно до некои граници. Не заборавајте дека неофицијална поддршка секогаш ќе се добие од нив но кај граѓанинот лежи обврската и одговорноста да дејствува локално – ако треба и со ризик при заобиколување на некои правила. Политиката во Македонија е и така импотентна и меѓусебно блокирана за многу работи. Граѓаните треба самите да ја земат иницијативата во свои раце на одговорен и мирен начин, со интелегентно делување и самодоверба.

Бизнисот

Бизнисмените и ”големците” од градот имаат голема индивидуална моќ во структурирањето на заедницата но пропорционално носат и одговорност за истата. Помогнете ако треба, на пример, за нафта за греење или за градежни поправки во локалната традиционална џамија. Отворете народна кујна или посветете малку внимание на најсиромашните и интелектуално загрозените, особено ромите, бидејќи тие кога-тогаш ќе прифатат арапски пари ако се оставени самите на себе. Донирајте му на традиционалниот имам со барање да ги искористи парите за да се спротистави на оној радикалниот. Сметајте ја таа материјална помош како екстра непишан данок кон заштита на интересите на постоечката заедница а преку тоа и вашиот интерес. Дајте им било каква работа на младите незадоволни муслимани, дури и да ве кошта пари, и нагледувајте ги лично во нивниот развој – покажете им што све може да се постигне во рамките на постоечката заедница. Истакнувајте ги позитивните страни на аветентичната исламска традиција, на пример компатибилноста со западот и добрите трговски вештини. Не мислете дека е добра одлука да се ставите на страната на арапскиот финансијер само бидејќи мафта со пари и има скап вкус: веднаш ќе ги донесе своите момци и имами да ги заменат старите ако му се пружи шанса. Да, треба многу самопожртвуваност но немаме друг избор бидејќи алтернативата на насилна конфронтација само ги прави радикалните исламисти посилни.

Зборувајте за ова отворено со вашите деловни партнери и барајте делење на одговорноста. На проблемот со радикалниот ислам и така му треба простор на бизнис-масата. Жестоко спротиставете се на оној кој ја злоуотребува ситуацијата за да добие предност во зделките – ова е најдолното ниво на водење бизнис . Ваквите веднаш ќе знаете да ги одбегнете во иднина бидејќи не се воопшто луѓе од доверба (или имаат други интереси него заработка). Користете и трикови со таквите ако треба.

На крај, би сакал уште еднаш да ја сумирам целта на дејствувањето против радикалните исламисти. Примитивните бурни реакции но исто така и циничното однесување кон проблемот, ова последново толку типично за охриѓани, само ги засилуваат фундаменталистите и им даваат храна за понатамошна радикализација на нашите сограѓани муслимани. Последниве се токму тие на кои треба да им помогнеме со сите средства како колеги, пријатели и комшии што се нашле во небрано. Солидарноста со сограѓаните на локално ниво испраќа многу силна порака кон надворешните влијанија дека нема што да се добие кај нас. Земањето на мотивацијата кај арапските фундаменталисти и нивните потрчковци е најсилното орудие. Имајте верба во својата традиција и жилавоста на сопствената средина но не заборавајте ја и одговорноста дека некогаш треба да се превземе личен ризик и да се надмине сопственото его и предрасудите.

А.А.

*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни не се ставови на OhridNews, туку се
ставови на авторите и редакцијата на ел. весник не сноси одоговорност
за содржината на истите.