„Usus magister optimus“ 

Искуството е најдобриот учител – така вели старата латинска поговорк, а искуството го стекнуваме патувајки низ животот. Постојано нè учи и подучува, но ни дава задачи и од време-на време – нè става на тестови.

Секоја фаза од животот носи свои т.н. животни задачи кои треба да се извршат. Нивното извршување е од егсистенцијална природа и освен биолошко има и социолошко значење за единката. Ако за детето главната животна задача е поаѓањето на училиште, а за адолесцентот да воспоставува силни пријателски врски, за личноста од зрело доба главната животна задача е осамостојување и стекнување неазисност, (преку завршување на образованието и формирање на семејство). Од лицата во средна зрелост се очекува да се грижат за потомството. Оние кои се наоѓаат  во доцна зрелост, на преминот кон старост се родители во фаза на т.н. „празно гнездо“ – време кога брачните партнери повторно остануваат сами. Најважната задача е завршена – постои потомство кое сега има свое семејство.

Направив еден преглед врз животот. Вистината е несомнена – од една страна, во основата на секоја животна дејност се содржани егзистенцијални импликации, од друга страна секоја задача подразбира обврска, однос!

Низ животниот пат постојано го полагаме испитот – РОДИТЕЛСТВО. Како дејност, во различна форма се провејува низ секоја фаза од животот. Дали во смисла на градење или во смисла на подготвување на децата да градат силни емоционални врски со еден партнер а, со базична цел, продолжување на видот. Но, родителската одговорност подразбира далеку поширока област на дејствување. Покрај обезбедувањето на сигурност кај своите деца, преку задоволување на егзистенцијалните потреби (за храна, вода, безбедност), родителството подразбира воспитување и социјализација на младата личност во општеството. Како што беше и ќе биде кажано, – Родителството веројатно е најодговорната од сите животни задачи!

„Инспирацијата“ за овој текст ја наоѓам секојдневно – дали во постојани контакти со училиштата со кои соработуваме или во обидите да го сториме речиси невозможното – да оствариме средба со родителите. Соработниците на нашата организација – Младински Совет Охрид, претставници на училиштата се согласуваат за едно нешто – недоаѓањето на родителите на задолжителни родителски средби покажува нагорен тренд. Честопати во разговорите околу некој поголем проблем како што е дрогата на пример, се споменува работа со родители, што во иднина треба да биде предизвик.

„Сè доаѓа од дома“.
    
Според еден правец во психологијата, семејствотото е систем на взаемни односи, и кога има некаков проблем системот е нарушен, а сите членови го чувствуваат влијанието. Но, тука постои еден взаемен причинско-последичен однос. Меѓу другото, во најголем дел, во основата на проблемите кај членовите на семејството, а најмогу кај децата, лежи одреден вид пореметување на семејните односи. Така, работата со семејствата игра доста значајна улога за справувањето со проблемот кој може да биде од различен вид. И да не ја споменувам само дрогата, она што е доста актуелно е непочитувањето на наставниците и директорите од страна на децата во смисла на отежнување на нивната работа (преку префрлање, употребување погрдни зборови или недисциплина). Уште нешто, треба да се спомне дека кај родителите постои тенденција да ги оправдуваат своите деца или, уште повеќе да се навредуваат кога ќе им се укаже некоја неповолна работа. Како тоа да е атак врз нив. А се навредуваат поради суета, зашто тоа си го препишуваат на сопствената личност, или, – „нивното его е повредено“. Темата зема широки размери, а треба да е јасно дека училиштето и семејството неопходно е да соработуваат.

Но, кога сме кај родителските средби, нели родителите се грижат за своите деца? Како може некој родител да не биде заинтересиран за сопственото дете? Дали чувствува грижа на совест заради неговото отсуство на средба, на која неговото дете е тема на разговор? Зошто не сака да седне на „испитната“ клупа?

Самото недоаѓање на тие средби го објаснувам како непочитување на наставниците и директорите, овој пат – од страна на родителите. Авторитетите  како да се разнишани. Но дали треба да постои авторитет за родителот да оди на родителска средба на која ќе му бидат пренесени стекнатите заклучоци за неговото дете, од другата страна (на наставниците). Или, преферираат да ја слушаат само приказната на детето? Во тој контекст не ме изненадува онаа констатација која ја имам слушнато неколку пати – „Јас го познавам – моето дете не е такво“.

По некоја (не)случајност се зборува и за закон кој предвидува санкции за родители кои нема да присуствуваат на родителските средби. А, кој рече дека има потребата за ваков закон? Па нели тие ја носат одговорноста? Зарем треба да се донесе закон за тоа?

Погоре ја начнав темата „непочитување на наставниците и директорите од страна на децата“. На крајот ако не повеќе, барем размислете – каква порака им пренесувате Вие на Вашите деца? Дали можеби, Вашето непочитување на класните/одделенските раководители им дава одредена слобода на децата?

Родители, простете што се зафатив толку за вас. Јасно ми е дека не може да се генерализира еден ваков став за сите, зашто тоа би било предрасуда. Но, сепак – размислете, зашто намерата на овој текст е Вашето освестување за важноста од родителските средби. Колку е можно повеќе обратете внимание на оваа „задача“, но, не за друго, туку заради тоа што директно се однесува на Вашиот најважен животен тест – потомството.

Елена Каневче, дипломиран психолог
Младински Совет Охрид

*Ставовите изнесени во оваа рубрика се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.