Битката за заштита на Охридското Езеро е и ќе биде долголетна. Во неа низ историјатот се случувале и добри моменти и лоши моменти,како впрочем и во секоја друга битка. И токму во последниот период оваа битка одненадеж станува се посурова и се побеспоштедна. Евидентираме премногу жестоки напади врз Езерото и средината воопшто, премногу чести инциденти и премногу силна агресијата која доаѓа од безброј страни. Од Радожда до Св.Наум на македонска страна, а слично и на албанска страна, секојдневни се ударите кои доаѓаат пред се од неадекватната урбанизација, од незаштитувањето од градежните работи, ударите од палење на појасите со трска и насилната узурпацијата и внатре во водениот басен. Се посилни се ударите и врз рибниот фонд, ударите од пропустите во колекторскиот систем , од цврстиот отпад наоколу и уште многу многу агресивни дела. Таква жестокост веројатно и досега била историски забележана но денес драматиката е во битката на многу фронтови.
А, само што помисливме дека со меѓународните договори и обврски ја обезбедивме заштитата, само што помисливме дека инвестициите во заштитата си го зазедоа местото и само што помисливме дека унапредените закони и инспекциски надзор ги ставија работите под контрола, ни се вовраќа со жесток оган од сите орудија. Чувството е сизифовско,точно кога доаѓаме до некоја точка на зреење и точка на успех ,некој не враќа наназад за да мораме да почнуваме од почеток. А од тоа пати само нашиот екосистем.
При сиот овој напад одговараме најчесто само со одбрана затоа што преслаб е гласот наспроти плотуните од сите страни. Екологијата е сеуште далеку од врвот на агендата, од врвот на интересот. Одвреме навреме блеснува некој зрак низ чадот на запалените вредности но е премалку за истиот да ги разбие. Ова е време во кое битката за екологијата и Езерото добива размери на ДонКихотска борба . Екологијата против силните ветерници вртени од чудните интереси. И додека таа борба ни е меѓународно признаена, каде што не третираат и не ценат, дома сеуште тоа се третира низ усти полни со исмев и клевета. Дома е сеуште тоа обична маргинализирана работа на неколку осамени Дон Кихоти.
Но, колку и да се жестоки нападите врз екосистемот, нема предавање. Никогаш нема да престане битката за почитување и заштита на еколошките вредности, битката за почитување на зелените идеи,за зелената економија ,за зелените инвестиции. Битката контра уништувањето а про поголемиот степен на заштита на Охридското Езеро и водените ресурси . Таа битка повикуваме нека почне од мали нозе од училиштата, нека почне и од индивудалната свест кај секого ,нека почне и од отпорот на јавноста кон плотуните ,нека почне и од медиумите кои ќе одвојат бар една страна за екологијата,нека почне и во институциите. Пораката и денес и натаму е една и силна : Заштитата на Охридското езеро никогаш не смее да биде прашање на дневната политика или на недефинираните интереси. Управувањето со Езерото и водните ресурси е наша единствена заедничка цел колку и да звучи тоа изветвено. Ако ги снема вредностите на Охридското Езеро ,ќе ја снема и потребата да се натпреваруваме ни на еколошко,ни на културно,ниту на туристичко ни на научно , а ни на политичко поле. Со тоа ќе не снема и сите нас. Но, битката мора да продолжи насекаде. Еден акт на добродетелство кон животната средина и Езерото е посилен од стотици акти на нарушување. Затоа секој од нас нека го направи тој еден малечок акт.
Дејан Пановски
Билатерален Секретаријат за Охридско Езеро