Низа нелогичности го проследија маратонското редовно собрание на Фудбалската Федерација на Македонија. На крајот “охридскиот маратон“ побрзо и поумешно го “преплива“ актуелната власт која со 77 гласа “ЗA“ го протурка новиот статут, измените и дополнувањата направени согласно со препораките на ФИФА и УЕФА.


Собранието на стартот декларативно се изјасни за взаемно почитување, а преку потпретседателот Лазар Нанев повикаа на обединување и почеток на градење доверба. Се што следуваше од тој момент понатаму ниту беше взаемно почитување, ниту почеток на доверба, а уште помалку обединување.

Колку членови брои Собранието? Според претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџи Ристески бројката не е фиксна, туку таа е променлива. На Собранието 2009 учествуваа 117 делегати чиј мандат трае четири години, но за редовното собрание во Охрид, федерацијата испратила 110 покани.


Од 110 – те поканети делегати, мандатите на шесте преставници на битолскиот сојуз поради некомплетна документација не беа верифицирани. Со тоа бројката на делегати се заокружи на 104. За донесување на одлуки за статутот и точки од дневниот ред потребно е двотретинско мнозинство т.е. 69 гласа. На собранието во Охрид присуствуваа 99 делегати. 77 од нив беа од минатиот мандат, додека 22 беа нови.


По заокружувањето на бројот на делегати и одредување на бројката за двотретинско мнозинство на гласање беше ставено барањето како точка на дневниот ред да биде вметната инцијативата за проширување на Првата Македонска фудбалска лига.

За предлогот гласаа 62 од присутните делегати, што беше недоволно точката да биде ставена на дневен ред, за што беше потребно 2/3 мнозинство од верифицираните 104 делегати, односно 69 гласа.


Жестока расправа и меѓусебни обвинувања претходеа на изгласувањето на статутот . По исцрпното објаснување на Лазар Нанев, членот на опозицијата Масар Омерагиќ истакна дека во статутот кој е ставен на гласање, воопшто не се имплементирани забелешките и насоките на ФИФА и УЕФА.

На тоа возврати претседателот Хаџи Ристески кој потенцираше дека Управниот Одбор внимателно ги проучил забелешките на УЕФА и ФИФА и тие во целост биле вметнати во новиот статут.


Статутот беше даден на гласање и со 77 гласа “ЗА“, 15 против и еден воздржан истиот беше усвоен.

И покрај најавите на Собранието воопшто не стана збор за барањето на Вардар за враќање на трите бода одземени поради неиграњето на првенствениот натпревар со Турново на стартот од сезоната.- Такво барање не стигна до нас, ниту пак некој до делегатите побара за тоа да биде разговарано  – рече претседателот Хаџи Ристески.


ФФМ нема да ги амнестира и казнетите делегати од Изборното собрание во 2009 година. На охридското Собрание повторно како набљудувач беше Словенецот Руди Завлр, кој беше посматрач и на изборите во мак-фудбалот во 2009 година.

И по ова Собрание не очекувам турбуленциите да прекинат.  – заврши претседателот на ФФМ, Хаџи Ристески .

М.П.