Статуетката Оскар, што ќе се дели на свеченоста на 28 февруари, ќе изгледа малку поинаку од досега, објави Американската академија за филмски науки и уметности, пренесува „Макфакс“.
Статуетките сега повеќе ќе наликуваат на првичниот дизајн од 30-сеттите години на минатиот век. Оваа помала козметичка промена доаѓа со промената на производителот на наградите. Њујоршката компанија Polich Tallix Fine Art Foundry го презеде производството на статуетките од компанијата R.S. Owens од Чикаго, која ги произведуваше статуетките од 1982 година.
Новиот производител го обнови суптилниот изглед на изворната скулптура користејќи се со бронзен калап од 1929 година, кога беше првото доделување на Оскарите.
Polich Tallix го започна процесот на производство со дигитално скенирање на моделот од 1929 година, кој потоа беше испечатен со 3Д технологија. Потоа беше моделиран во восок и обложен со керамика. Статуетките потоа се ставаат во печка на 870 Целзиусови степени, каде што восокот се топи, а останува празната школка во облик на Оскар. Во калапот потоа се налева бронза во течна состојба на температура од 980 степени. По ладењето, доаѓаат завршни работи, односно премачкување на статуетката со облога од 24 каратно злато.
За изработка на 50 статуетки се потребни три месеца.
Инаку, мерките остануваат исти. Оскарот е висок 34 сантиметри и тежок 3,85 килограми.
OhridNews
извор: „Макфакс“