Статуите Оскар кои ќе се доделат на 28 февруари ќе изгледаат малку поинаку отколку досега, објави Американската академија за филмски науки и уметности. Статуите сега повеќе ќе наликуваат на првобитниот дизајн од триесеттите години од минатиот век. Таа мала козметичка промена доаѓа со промената на производителот на статуите. Њујоршката компанија „Polich Tallix Fine Art Foundry“ ја презеде изработката од чикашката компанија „R.S. Owens“, која статуите ги произведува од 1982 година.

 

Новиот производител го обнови суптилниот изглед на изворната скулптура користејќи бронзен калап од 1929 година, првата година кога се доделувале Оскарите. Компанијата го започна процесот на производство со дигитално скенирање на моделот од 1929 година, кој потоа е испринтан со 3Д технологија. Потоа е моделиран во восок и обложен со керамика. Статуите потоа се ставаат во печка на 870 степени Целзиусови, каде восокот се топи, а останува празна школка со облик на Оскар. Потоа во неа се става течна бронза на температура од 980 степени. После ладењето доаѓаат завршните работи, односно премачкувањето на статуата со облог од 24-каратно злато. За изработка на 50 статуи потребни се три месеци. Мерите останаа исти. Оскарот е висок 34 сантиметри и тежок 3,85 килограми.