В сабота со натпреварите во мал фудбал за средните училишта ќе стартуваат училишните спортски игри. Од следниот викенд на средношколците ќе им се придружат и основците кои исто така силите ќе ги одмерат во мал фудбал.
– Во насока на создавање на здрави животни навики кои се основа за долг и здрав живот и во тој поглед земајќи го во предвид посебното место на спортот и спортувањето, за мене како Градоначалник од една, но и како доктор од друга страна е од особено значење организирањето и спроведувањето на натпреварите во училишните спортски лиги. Идејата за организирање на спортските натпревари кои првично ќе се одржуваат во фудбал, произлегува од потребата учениците да се вклучат во организиран систем на натпревари заради развој на спортскиот дух и добивање специфични искуства и вештини, преку што младите се едуцираат за нормите и вредностите што ги карактеризираат одделните спортови, во случајов фудбалот – рече градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Во лигата ќе се игра по футсал правила, а мечевите ќе се одвиваат во спортската сала „Билјанини Извори“.
– Технички сме подготвени за започнување на лигата. Започнуваме со мал фудбал но постојат иницијативи такви лиги да продолжат и за кошарка и ракомет со што би помогнале во развивање на спортските игри во Општина Охрид. Технички правилата се играат по футсал 4 + 1 натпреварувач. Целосно сме покриени и во однос на судии. Почнуваме со натпревари со средните училишта а од наредната недела почнуваме и со основните училишта. Значи и основни и средни училишта до завршување на лигата – потенцираше Наум Јамандиев од Сојузот на училишен спорт.
Спортските игри за средните и основните училишта се уште еден спортски настан, кој го организра Општината Охрид во соработка со Ј.П. „Билјанини Извори“.
– Ние како јавно претпријатие ќе излеземе во пресрет со расположливите спортски ресурси, спортската сала, соблекувалните, канцеларии доколку се потребни за професорите по физичка култура се со цел овој проект на општина Охрид да се реализира на највисоко ниво – изјави директорот на Ј.П. „Билјанини Извори“, Ристе Мишев.
Училишните игри ќе се одвиваат во две фази, есенска и пролетна, а се планира да се воведат уште ракомет и кошарка.
Мх.П.