Поради зголемениот интерес на граѓаните и со цел за нивно пошироко информирање во врска со оредбите од текстот на Предлог законот за третман на бесправно изградени градби, Министерството за транспорт и врски, од утре, организира серија јавни презентации низ општините во државата.

На јавните презентации што ќе се одржуваат во соработка со локалните власти, граѓаните ќе бидат детално информирани за постапката предвидена во законот во однос на документите потребни за поднесување на барањата и за траењето на постапката. Тоа е со цел тие да бидат подготвени откако законот ќе стапи во сила да ги завршат сите постапки во периодот предвиден во самиот закон, односно за шест месеци.

Подготвени се три тима кои ќе ги држат презентациите и тоа првиот ќе го предводи ресорниот министер Миле Јанакиески, вториот заменик – министерот Горан Михајловски, а третиот Сашо Дуковски директор на Државниот инпекторат за урбанизам и градежништво.

Освен во Охрид, вакви јавни презентации ќе бидат организирани во Гостивар, Тетово, Куманово, Прилеп, Струга, Битола, Ресен, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Штип, Кичево, Кочани и Виница. Во Градот Скопје јавни презентации на законот ќе се одржат во Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Центар, Гази Баба и во ошптина Чаир.

Барател за регулирање на статусот на бесправно изградена градба може да биде физичко лице кое што е државјанин на Република Македонија, правно лице регистрирано во Централниот регистар и институции кои се иматели на бесправните градби. Барателот е должен со барањето за утврдување на правен статус да достави уверение за државјанство, доказ за приклучок на комунална инфраструктура или сметки за јавни услуги (електрична енергија, вода..), а доколку бесправната градба нема инфраструктурни приклучоци изјава заверена на нотар со која барателот ќе потврди дека градбата е изградена пред влегувањето во сила на законот. Потребни ќе бидат и геодетски елаборат, кој што е извршен за направен премер на катастарската или градежната парцела или бесправната градба која содржи скица на премерување на катастарската или градежната парцела, односно скици на премерување на внатрешната парцела на самата градба, проект за фактичката состјба на градбата изработена од проектантска компанија со соодветна лиценца и имотен лист за земјиштето на кое е изградена бесправната градба. Имотниот лист се бара со цел да се утврди дали земјиштето е во приватна сопственост или е во сопственост на државата.

Општините како надлежни органи се должни да ги примат овие барања со потребната документација и да постапат во соодтветните рокови, односно во рок од три месеци.

Според податоците на локалната самоуправа во Охрид се евидентирани околу 7000 дивоградби.

OhridNews