Започнува примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тој предвидува забрана на секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и на помагање во дискриминаторско постапување.

Законот ќе се применува во областа на работата и работните односи, образование, наука и спорт, социјална сигурност, домување, членување и делување во синдикални, политички партии или кои било други невладини организации.

Сексуалната ориентација не е експлицитно наведена како основ за заштита од дискриминација, но, според Министерството за труд и социјална политика, доколку некое лице смета оти е дискриминирано по тој основ ќе може да побара заштита. Припадниците на ЛГБТ популацијата ќе бидат заштитени  и доколку сметаат оти се дискриминирани ќе може да се обратат до Комисијата за заштита од дискриминација, а во случај да се утврди дискриминацијата ќе има санкции кон правните лица кои ја извршиле.

Во законот се опфатени и повеќе основи за заштита од дискриминација од предвидените со европските директиви, но не хомосексуалците, бидејќи, како што велат од Министерството за труд и социјална политика, таков поим не постои во македонското законодавство.

OhridNews