Една недела подоцна од најавеното стартува единствената Втора фудбалска лига, која по фузирањето на истокот и западот брои 16 клуба. Денеска (сабота), на програмата се седум натпревари, а една средба е одложена.
ГФК Охрид од 17 часот на СРЦ „Билјанини извори“ ја пречекува екипата на Тетекс од Тетово. Охрид по тешко изборениот опстанок минатата сезона ги консолидираше редовите во паузата и подготвено стартува во новото првенство. Тетекс, пак, има внатрешни проблеми, нова управа и многу незадоволство помеѓу навивачите.
Во Струга денеска се игра регионално дерби. Повратникот во Втората лига Караорман, исто така од 17 часот ја пречекува екипата на Воска Спорт. Стружани влегуваат со амбиции во првенството, а Воска Спорт сака да оди чекор понапред од минатата сезона кога во походот на Првата лига беа запрени во плејофот.
Одложен е натпреварот помеѓу ФК Борец 1919 – ФК Слога Виница 1934, кој наместо денескаќе се одигра во среда, 24. август.
Г.М.