Македонската кошаркарска репрезентација под водство на новиот селектор ги започна подготовките за олимпискиот квалификациски циклус кој од 2 до 8 јули ќе се игра во Каракас, Венецуела.
На првиот тренинг се очекува да се појават сите повикани играчи, со исклучок на Илиевски, Мекејлеб, Маркис Грин кој ќе се приклучи на осми јуни, додека дополнителен одмор ќе добие и Перо Антиќ.
Според претходно утврдениот план, во текот на целата оваа седмица ќе се тренира по два пати дневно во СЦ „Борис Трајковски“, пред заминувањето за Литванија и првите контролни средби кои го очекуваат нашиот состав. До турнирот во Каракас, нашите репрезентативци ги очекуваат и подготовки и пријателски натпревари во САД и Порто Рико.
Предолимпискиот турнир во Венецуела ќе се игра од 2 до 8 јули. 12 репрезентации се во трка за првите три места кои водат на завршницата на Олимписките игри во Лондон. Во групната фаза од турнирот, нашата селекција ќе се сретне со Нов Зеланд и Ангола.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com