Со објавување на јавениот повик, од денес започнува постапката за доделување на Кофинансирани грантови за старт-ап и спин-оф компании и иновации, најави вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

За овој повик се обезбедени средства во износ од 600.000 евра, за кои ќе можат да аплицираат македонските претпријатија. Фондот за иновации и технолошки развој располага со вкупно четири инструменти, за кои оваа година се предвидени средства во износ од 2.280.000 евра. Во текот на годината, ќе се објават јавни повици за сите инструменти, вклучувајќи уште еден повик за доделување на Кофинансирани грантови за старт-ап и спин-оф компании и иновации.

Со другите инструменти се предвидени доделување на Кофинансирани грантови за трансфер на технологии, како и Кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации како и Техничка помош преку деловно-технолошки акцелератори.

„Се надеваме дека оваа поддршка ќе придонесе кон зголемување на капацитетот на македонските компании за иновирање што пак ќе го зголеми и нивниот капацитет за апсорпција на нови знаења и нови технологии од други компании. Со тоа може да се очекува и зголемен капацитет за соработка со компании од регионот и од странство и на тој начин уште поголем трансфер на знаење и технологии, што би требало на долг рок позитивно да влијае на конкурентноста на македонските компании и со тоа и на економскиот развој“, рече Пешевски.

Очекувањата се дека на долг рок ќе се креираат повеќе работни места, отворат нови компании базирани на знаење и нови технологии, и севкупно да се придонесе кон градењето на поконкурентна економија.

OhridNews