Сообраќајот во Охрид од денеска ќе се одвива според летниот режим, со ограничувања и целосни забрани за движење на моторни возила на одредени улици и делови во централното градско подрачје.

Согласно одлуката на Советот на општината, до 31 август 2015 година за сообраќај целосно ќе биде затворена улицата „Кеј Македонија“ од пресекот со кружниот тек на плоштадот до пресекот со улицата „Ванчо Николески“, како и „Ванчо Николески“ од пресекот со улица „Партизанска“ до улица „Кеј Македонија“ и пешачката патека од Центарот за обука на вода до Горица.

На неколку други улици во централното градско подрачје сообраќајот ќе се одвива еднонасочно, со ограничувања, односно со забрана за движење во вечерните часови, во периодот од 20 до 5 часот наутро.

На улиците ,,Цар Самоил’’, „Коста Абраш“ и „Илинденска“ се забранува секаков вид на моторен сообраќај освен за жителите на Стар Град во временски интервал од 5 часот до 20 часот, при што целиот овој простор ќе се користи како пешачка зона поврзана со чаршијата и „Кеј Македонија“.

-Во стариот дел од градот движењето на возила е дозволено само за жителите на Стар Град кои ќе добијат специјални налепници за движење на возила во периодот од 1-ви Јули до 31-ви Август. Специјалните налепници ќе се издаваат во Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици  при  општина  Охрид,  само  на  жителите  од  Стар  Град  кои  поседуваат  важечка  лична карта и сопствено моторно возило со важечка сообраќајна дозвола, регистрирано на адреса од улица која се наоѓа во овој дел од градот и истите ќе се заведуваат во регистар  за  издадени налепници, пишува во одлуката за летен сообраќаен режим.

Во периодот од 20 часот до 5 часот на крајот од улица „Македонски Просветители“ ќе  се  постават  подвижни  столпчиња  за  безбедно  да  се  одвива пешачкиот  сообраќај,  а  на  крстосницата  на  улица „Македонски  Просветители“  со  улица ,,Партизанска“  ќе  има  физичко  присуство  за  регулирање  на  сообраќајот. Во  периодот  од  20 до 5 часот  на  кружниот  тек и на улиците „Илинденска“, „Цар Самоил“ и „Коста Абраш“ се забранува секаков вид на сообраќај.

Освен постоечките паркинг места во централното градско подрачје за кои се врши наплата, како времени паркинг места каде паркирањето ќе се врши без наплата се определуваат следните локации: Паркинг просторот пред Горна Порта од десната страна; Паркинг  простор  кај  спортското  игралиште во СОСУ „Св.Кирил и Методиј“; Паркинг простор од  десната  страна  на  ул.„Караорман“,  од  улица „Димитар Влахов“ до „Туристичка“ покрај Гимназијата; Паркинг просторот кај амбуланта „Маларична“; Паркинг просторот на левата страна од улицата „Јане Сандански“ наспроти Комерцијална банка; Паркинг простор пред ОУ „Братство и Единство“ на улица „7-ми Ноември“; Новоизграден паркинг кај месноста Долни Сарај; Паркинг просторот пред куќата Уранија; Паркинг просторот кај Антички театар и над Антички театар; Прв паркинг простор на улица „Илинденска“ и Паркинг просторот кај црква Св.Варвара на улица „Илинденска“.

Инаку на Седницата на Советот на општина Охрид, која се одржа на 11-ти јуни 2015 година советниците на опозицијата не ја поддржаа предлог одлуката за летен режим на сообраќај поради немањето соодветна стручна сообраќајна студија врз основ на која ќе се носи режимот на сообраќај во лето. Претставниците на локалната самоуправа тогаш истакнаа дека летниот сообраќаен режим е изработен од страна на стручни лица и добро функционира.

OhridNews