Граѓански организации кои работат на едукација и информирање на еколошки теми формираа коалиција за клима која има за цел зголемување на учеството на граѓаните во носењето на одлуки и мониторирање на спроведувањето на истите.

Климатските промени се вистински предизвик за сите влади и носители на одлуки, но притисок од јавноста е многу потребен со цел носење на поамбициозни климатски политики како и обезбедување на финансии за спроведување на истите. Потребни ни се силно информирани граѓани и поврзани граѓански организации кои ќе можат да делуваат брзо и заеднички, велат инволвираните во процесот.

Ваквата коалиција ни е повеќе од потребна сега кога опоравувањето од КОВИД-19 кризата треба да значи зелен развој и раст на „еколошка“ економија, односно индустрија која нема да загадува и да прави штета. Заштита на здравјето и добросостојбата на граѓаните треба да биде приоритет и токму затоа одбравме на Светскиот ден за борба со опустинувањето и сушата да информираме за коалиција“- рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест

Коалицијата за клима започнува со 11 членови- граѓански организации кои заедно работеа на стратешките документи на оваа коалиција и кои имаат значајно искуство во работење на теми поврзани со климатските промени.

Мисијата на Коалицијата е локална синхронизирана акција и силно општествено влијание и трансформација преку градење климатска култура. Целта се остварува преку грижа и почит кон локалните природни вредности, солидарност кон други иницијативи (локални и глобални), климатска акција и одговорност кон планетата. Визијата на Коалицијата е обезбедување на квалитетен животен стандард на луѓето во благосостојба со животната средина, систем базиран на стандарди и безбеден за климата (Нискојаглеродна трансформација) и подигнување на климатската култура што ќе ја издигне Македонија како пример за регионот. – образложи Кристина Бужароска од фондацијата ЦНВП, долгогодишен партнер на Еко-свест и еден од основачите на новата Коалиција.

Според Елена Николовска од Еко-свест, потребно е да се зголеми знаењето за климатските промени пред сè на граѓанскиот сектор засегнат од овие теми на локално ниво за да се создаде заедничка платформа која ќе може да биде рамноправен партнер во носењето одлуки за клима и дефинирање на приоритетни области на национално и локално ниво.

Од голема важност е граѓаните да учествуваат во одлуките за инвестиции во насока на праведната транзиција која ќе осигура дека никој нема да остане без работно место и дека целиот систем и општество ќе прераснат во еколошки. Локалните членки се оние кои ќе обезбедат учество на локалното население во овие процеси.“ – додава таа.

Климатската криза, но и пандемијата нè научија дека е потребно вклучување на сите чинители од општеството во донесувањето одлуки, бидејќи сите треба заедно да работат за да ги искоренат штетните навики и да изградат нов систем кој ќе биде солидарен и еднаков за сите. Токму затоа оваа Коалиција за клима е отворена за сите кои сметаат дека можат да придонесат на патот кон оваа еколошка транформација на нашето општество, порачуваат екологистите.