Охридските ракометари со триумф над Вардар Јуниор 30-22 (18-9) на домашен терен во спортската сала „Билјанини Извори“ ја започнаа новата сезона во машката ракометна Супер лига.

„Гладијаторите“ во целост ја оправдаа фаворитска улога пред мечот и лесно ги решија младите момчиња во „црвено црно“ за први бодови на табелата.

Домаќините отпорот на гостите го скршија по осум миниту игра. Крилата Крсте Андоноски и Бобан Блажески искомбинираа осум голови, а Благојче Трајкоски не дозволи погодок во мрежата за прво посериозно водство 8-3.

После одлепување на семафорот охриѓани го задржаа истиот ритам и не се трошеа премногу. Дури во финишот додадоа гас и „скокнаа“ на девет голови предност на полувремето (18-9).

Стартот од вториот дел им припадна на гостите кои стигнаа и до негатива од шест погодоци. Охридските бели се стабилизираа заиграа сериозно и ја вратија разликата на семафорот.

Во последните мигови од мечот во игра влегоа и помладите ракометари кои со своите голови ја кренаа малубројната публика на нозе.

Во втората рунда охридскиот ракометен клуб ќе биде на сериозен испит на гостувањето во Битола кај тимот на Еурофарм Работник.

РК Охрид: Стојаноски (5 одбрани), Трајкоски (10 одбрани/1 гол), К. Андоновски 4, Ивановски 1, Младеновски 1, Блажески 12, Костов 1, Ристески, Бирдахиќ 2, Тасески, Адамовиќ 3, Д. Андоновски, Кежиќ 3, Кљајиќ 1, Димитријевски 1, Спасовски.

РК Вардар Јуниор: Петкоски, М. Кизиќ (5 одбрани), Н. Кизиќ (5 одбрани), Димитровски 2, Чакалиќ 4, Николовски, Мичевски 2, Кукуловски 3, Крстевски 4, Трпчевски 4, Димитров, Димов 1, С. Атанасовски 1, Т. Атанасовски, Анѓелкоски, Стојменов.

Мх.П.