Со натпреварите од 1-то коло, денеска започнува сезоната во Првата кошаркарска лига. На стартот кошаркарите на Охрид на гостински терен играат против екипата на КК Вардар од Скопје. Воедно тоа е судир на двата нови прволигаши.
Со ваков концепт под капата на градската локална самоуправа првпат учествуваме во прволигашки систем на натпревари, вели спортскиот директор, Марјан Бошалески.
Имаме добар распоред и се надевам дека ќе е добар за нас како тим. Прво одиме на гости со Вардар, следно ни доаѓа екипата на ФМП. Во третото коло играме со Кожув и четврт натпревар играме со екипата на Гостивар, кои се и дирекни конкуренти за опстанок во оваа лига. Екипата е веќе солидна подготвена. Со оглед дека подготовките ги започнавме на 21-22 август имавме доволно време и мислам дека и екипата и играчите и тренерот се веќе подготвени за тоа што ни следува, вели Бошалески.
Потсетува на веќе одиграните неколку контролни натпревари, во кои вели намерно закажале со екипи кои подобро котираат односно играат веќе неколку сезони во Првата кошаркарска лига.
Генерално сме задоволни од тоа што го имавме како резултат. Секој натпревар си носи свое искуство, па ќе видиме како ќе поминеме и на денешниот натпревар. Распоредот така наложи како нови прволигаши Вардар и Охрид да се состанат во првото коло што од една страна е добро и за нас и за нив да измериме до каде сме со квалитетот на екипите за оваа лига, бидејќи сепак Првата лига се разликува многу од Втората. Очекувањата за оваа сезона се да останеме во Лигата, додава Бошалески.
Во поглед на натпреварот вели Вардар има подмладен состав и повеќето се македонски играчи, додека екипата на Охрид има две засилувања од САД, како и Иван Волкановски кој потпиша за клубот, па се оптимисти и се надеваат на победа, односно позитивен резултат.
Очекувањата за новата сезона се опстанок во Прва лига, бидејќи знаеме дека сме дебитанти, вели тренерот Тони Стојаноски.
Ростерот е пополнет, одлучивме да ги задржиме и да им дадеме шанса на сите играчи од минатата сезона и се засиливме на плејмејкерската и централната позиција. Амбициите се ГКК Охрид да стане стабилен прволигашки клуб. Јас како тренер, но и мојот стручен штаб заедно со играчите веруваме во напорна работа и максимално вложување и свесни сме ако се верува во тој процес резултатите си идат сами по себе, а доказ за тоа се минатите три сезона во Втора лига, па еве сега ГКК Охрид е прволигашка екипа, додава Стојаноски.
Натпреварот Охрид-Вардар е со почеток во 18 часот во мала сала „Кале“ во Скопје.
Н.С.Ј.