По 27-ми пат, охриѓани, како и целата македонска и поширока јавност вчеравечер имаа несекојдневна прилика да уживаат во звуците на староградските македонски песни, а постарите да ги освежат сеќавањата од песните на својата младост.

Заменик градоначалникот на општина Охрид , Ангел Јанев со поздравен говор се обрати пред публиката, нагласувајќи дека Охрид е благословен што го има овој фестивал и што е домаќин на најстарата манифестација од ваков тип во земјава.

– Посебна благодарност до учесниците на оваа манифестација, затоа што тие се чуварите на староградската песна и многувековната македонска историја. Верувам дека носиите, специфичните културни обележја за секој македонски крај и фолклорната музика ќе создадат посебен амбиент кој долго ќе остане во вашето сеќавање. – рече Јанев.

Директорката на Центарот за култура „ Григор Прличев“, Драгана Боцеска, изрази задоволство за привилегијата да се биде организатор на едно вакво случување.

– Иако е староградска музика, сепак е актуелна и присутна денес, таа е жива и вреди да ја негуваме. Драго ми е што вечерва сите ансамбли ќе ни презентираат нешто на кое вреди да се потсетуваме затоа што староградската песна не спојува .- изјави Боцеска пред бројната публика.

Во преполната сала на Центарот за култура преовладуваше силна возбуда за овој долгоочекуван настан која растеше со секоја наредна песна. Присутните ги пееа познатите староградски рефрени и со големо внимание ги слушаа песните од различните краишта во земјава. Три часа одекнуваше старограскиот мелос – мевлем за душата, кој создаде весела атмосфера и им ја разубави вечерта на Охриѓани и многубројните гости. 

На 27мите Охридски староградски средби, настапија 13 ансамбли и тоа три од Охрид, два од Прилеп, по еден од Битола, Крушево, Кратово, Гевгелија, Богданци, Штип, Струмица , Струга и професорот Александар Тасески со својата чалгиска музика.

Од градот домаќин, Охрид, настапи Градскиот хор при Центарот за култура „ Григор Прличев “ кој се претстави со песните : „Пељин ми се пољуљава“ и „На Струга дуќан да имам“. Пеачката група Далга од Охрид и Здружението на пензионери од Охрид и Дебарца имаа заеднички сценски настап со песната „Деспина ќе ја грабиме“. Силен впечаток кај публиката, судејќи по аплаузите, остави младинската група од Крушево и групата од Богданци, која имаше необичен настап со духовит пристап и демонстрираше впечатливи македонски традиционални обичаи со мал драмски дел вметнат во песната. Инзвондредни вокални способности покажаа членовите на Октетот од Прилеп кои добија пофалби за изведбата на трите песни: „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „ Јовано Јованке“ и „Добро утро, Прилепе граду“. Симпатиите на публиката ги освои и групата од Битола со интерпретацијата на охридската песна „Бор садила мома Евгенија“, „Битола, таму се живот живее“ и „Битолските бегови“.

Громогласен аплауз доби и групата Струшки бисери од Струга пред затворањето на манифестацијата со песните „ На Струга дуќан да имам“ и „Си заљубив едно моме“ .

Сите учесници на Охридските староградски средби имаат голем удел во афирмацијата на староградската музика и благородна мисија во зачувувањето на нашето фолклорно национално богатство. Од година во година оваа манифестација привлекува се поголем интерес кај учесниците, а кај публиката уште поголема желба за да присуствува на целовечерен концерт посветен на многувековната автентична староградска песна која не потсетува кои сме, каде припаѓаме и кој е нашиот национален идентитет.

Ивана Чичоска