Староградска вечер на културата во Музејско-културниот центар „Лапидариум“ ќе се одржи денес во организација на Културолошката иницијатива 5 до 12. Посетителите ќе уживаат во еден моќен спој на уметности кои ќе говорат за Охрид и традицијата.Според програмата предвидена е изложба на фотографии насловена како „Староградска пловидба низ годините“, поетско читање „Имам нешто да ти кажам“ и премиера на краткометражниот документарец „Бело платно“.

„Бело платно“ е краток аудиовизуелен пејсаж на манифестација на Петровден – Староградската пловидба со кајчиња по Охридското Езеро со ВИС „Билјана“ Охрид „Ој љубов, љубов“ во организација на Културолошка Иницијатива 5 до 12. Зборува за обичајот за Петровден, каде што секоја година жителите и рибарите на овој бисер на Балканот го слават овој празник со заедничко излегување на Езерото, во придружба на староградскиот ансамбл ВИС „Билјана“. Некогаш оваа манифестација се одржуваше на самото крајбрежје со охридски чун, а поради забраната за собири за време на Ковид пандемијата, манифестацијата почна да се одржува на самото Eзеро, давајќи нов поттик на долгогодишната традиција, посочуваат од Културолошката иницијатива 5 до 12.

Документарецот „Бело платно” е изработен од екипата на Društveni centar KROV и Visual Anthropology Center /VAC/.

Ве очекуваме да ни се придружите на оваа магична охридска вечер во која сите ќе уживаме заедно под отворено небо на специјална локација и ќе го најавиме она што следи, а сите го исчекуваме, на 12ти јули!, додаваат.

Настанот е со почеток во 20:00 часот, а влезот е бесплатен.

OhridNews