Старо купувааам !

Постарите охриѓани се сеќаваат на овој извик кој го најавуваше доаѓањето на собирачите на стари работи, најчесто неупотребливи технички апарати кои упорно зафаќаа место во подрумите и гаражите.Денес собирачите на старо железо се реткост. А и нема што да се собира велат луѓето кој на овој начин го вадат лебот. Доказ за тоа е  и оваа наша фотографија.



голема  количка за еден телефон

На амалската количка некогаш немаше место да се стави уште нешто, ама нашиот соговорник сега мора да се задоволи само со еден стар телефонски апарат (ми личеше на „Искра“). Луѓето денес не фрлаат  стари работи, железа, вели. Прашувам кај ќе стигнам ама сите дигаат раменици, немаме ништо за фрлање ми велат, раскажува нашиот соговорник.Него го сретнавме  деновиве на охридските улици. Додека разговаравме тропна на неколку врати ама без многу успех.


граѓаните се помалку фрлаат старудии

И да имаат нешто луѓето за фрлање нема кај да го продадам бидејќи отпадите државата ги затвора, ни вели соговорникот. Државата неодамна донесе нов правилник за стопснисување со отпаден матерјал со цел да  стави крај на нелегалната трговија со општи добра (шахти, бисти и сл.) кои  за малку пари завршуваа на отпадите. Се чини мерката не донесе којзнае какви резултати. Спомен бистите и натаму се крадат, а чесните собирачи пак немаат кај да ги продаваат собраните старудии. По се изгледа ќе мора да најдат нов начин на егзистенција.

Г. Момироски