Денес на иницијатива на охридскиот туристички водич М-р Ива Николоска се одржа тура низ стариот дел од градот со активните членови на програмата „Најди време”- грижа за стари лица при Црвениот крст -Охрид.

Нашите сограѓани имаа можност да бидат туристи во сопствениот град. Иницијативата има за цел промоција на културното и природното богатство на град Охрид.

Највозрасниот член Ристана Божиновска, која е родена 1935 година, со голем ентузијазам ги посети сите предвидени локации мотивирајќи ги и другите до крај да ја поминат предвидената рута.

Нема откажување, порача Божиновска.

Од градскиот плоштад, Св. Софија, античкиот театар, локалитетот Плаошник, преку Св. Јован Богослов, групата се упати на заслужено кафе на покана на баба Ристана.

Оваа тура е дел од серијалот кој на волонтерска база ги организира охридскиот водич Николоска која истовремено работи на својот докторски труд кој е исто-така поврзан со културното наследство на Охридскиот регион.

Кога пензионерите поранешни наши наставници, медицински кадар и слично најдоа време да работат на хуманитарни програми тогаш секој еден од нас треба да најде време да и возврати на заедницата во делокругот на своите компетенции, вели Николоска.

Групата изведе и две староградски песни и ги воодушеви гостите кои беа на туристички разглед.

Желбата за живот, работа, љубов и поддршка која овие луѓе ја даваат треба да биде пример за генерациите кои доаѓаат.

OhridNews