Новиот врв во Кошаркарската федерација на Македонија на чело со Петар Наумоски го обвини стариот дека си поиграл со финансии во висина од 50 000 евра наменети за Европското првенство во кошарка за кадети во женска конкуренција.


– Македонската кошаркарска федерација е оштетена за 50.000 евра од страна на „МКФ Спорт доо“ Скопје, наменети од ФИБА Европа за организација на Европското првенство за жени до 16 години што како земја домаќин треба да го подготвиме во Охрид и Струга.

Наменските пари, имено од ФИБА Европа „МКФ Спорт доо“ Скопје во сопственост на Даниел Димевски и Дејан Лекиќ, управувана од Илчо Мерџановски, доскорешното оперативно раководство на Македонската кошаркарска федерација, во петокот ги потроши за подмирување на застарени, од 2010 година до денес, обврски за потребите на фирмата, а не на Федерацијата за организација на првенството.

„МКФ Спорт доо“ Скопје ја искористи смената на Претседателот и Управниот одбор во МКФ, отежнувајќи го реактивирањето на сметката на МКФ, одолговлекувајќи ги работите со очигледно подготвен начин како бесправно да ги употребат наменските средства од ФИБА Европа.

На директен начин отежната е работата и настапот на соодветните Европски првенства на шест репрезентативни селекции на Р. Македонија, вклучувајќи ја и сениорскатa. – се вели во соопштението потпишано од претседателот на МКФ, Петар Наумоски.

Почетокот на континенталниот собир е закажан за средината од месец август, а претходно А селекцијата во Охрид ќе биде домаќин на турнирот „Трофеј 2015“.

Ohridnews