Заврши санацијата и ревитализацијата на стариот охридски Чинар, што со средства на Општина Охрид ја реализираше фирмата „Форест Фагус“, под стручен надзор на проф. Јане Ацевски, дендролог и раководител на катедрата за дендрологија при Шумарскиот факултет во Скопје.
Санацијата треба да овозможи да се продолжи животниот век на оваа природна реткост заштитена со закон, која поради несоодветната заштита во минатото беше во многу лоша состојба.
Целта на овој проект беше дрвото да се санира за да му се продолжи животот, а притоа да се задржи автентичноста на чинарот, да се зачува 11-вековното постоење и луѓето да препознаат дека се работи за нешто навистина многу старо и вредно. Со оваа санација буквално се направи едно ослободување. Чинарот беше повеќе од 20 години заробен со несоодветна обвивка, во една ситуација во која почна самиот од себе да скапува, да трули и да се уништува и доколку така останеше и понатаму веројатно ќе се распаднеше. Со оваа санација колку толку се спаси она што е останато од чинарот и ќе се овозможи дрвото во иднина да вегетира успешно и да дише „слободно“. Затоа таму каде што беше потребно како маска која има улога на заштита е ставена кора од природно дрво. – изјави за OhridNews проф. Ацевски.
Во јавноста може да се слушне дека е подобро да се засади ново дрво во шупливото стебло на стариот Чинар, но ваквата идеја, според професорот Ацевски, не соодветствува на значењето на ова старо дрво.
Ова е споменик и тој не треба да се уништи. Тој е еден од најстарите живи споменици во Македонија, па и пошироко. Сега механички го обезбедивме со четири метални столба коишто ќе го зацврстат, а нормално ќе треба и одржување, прихрана и негова заштита понатаму. – истакна Ацевски.
Во рамки на проектот за санација и ревитализација, изведувачот на работите до општината ќе достави стручен извештај, а до ЈП „Охридски Комуналец“ план и програма со мерки за грижа на Чинарот, со што треба да се овозможи да почне процес за повторно обновување и враќање на неговата виталност.
Овој процес е долг, не треба да очекуваме ефектите дека ќе бидат веднаш, истиот момент. Сега Чинарот е во мирување и некаде од март ќе почне да вегетира и тогаш ќе почне да изгледа се подобро и да го враќа природниот сјај. – додаде Ацевски.
Легендата вели дека охридскиот чинар пред 11 века го засадил Св. Климент. Токму затоа во срцевината на старото раздвоено стебло поставена е икона на светителот кој е заштитник на Охрид.
Кога пристапив кон обнова на оваа стара природна реткост, го знаев тој податок и една од идеите ми беше да поставиме икона на ктиторот, оној што го посадил и подигнал како што вели легендата, со што ќе оддадеме една почит и на историјата и на личноста, меѓутоа ќе биде и една атракција не само за домашните посетители, туку и за странците, затоа што нема во светот некој којшто би се пофалил со единаесетвековно дрво и да знаат кој го засадил и како изгледа денес. – рече проф. Ацевски.
Просторот околу стариот Чинар дополнително ќе биде уреден со автентични камења од Охридското Езеро и минимални детали, со цел да се истакне самото дрво, а ќе биде спроведена и потребната инсталација за негово наводнување и осветлување. Исто така ќе биде поставена и соодветна информативна табла со основните податоци за симболот на Охрид. Професорот Ацевски советува при идното планирање на плоштадот кај стариот Чинар, тој да се ослободи од гломазната фонтана, а наместо со модерни материјали чешмата во непосредна близина да биде помала и од камен.
Во иднина Одделението за заштита и влијание врз животната средина при Општина Охрид, планира санација и на останатите чинари во градот, како и на кочеџикот кај црквата Св. Богородица Перивлепта.
Г. Момироски